Експерти, научници, уметници, дипломати, бизнисмени, консултанти, претставници на невладиниот сектор и новинари од Северна Македонија и Бугарија учествуваат на дводневната конференција што во организација на амбасадите на Чешка во Скопје и Софија, се одржува во Струмица и во бугарскиот град Петрич.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, учесниците на конференцијата, иницирана од чешкото претседателство со ЕУ, разговараат за деловните можности за економско поврзување на регионите на Струмица и на Петрич.

На собирот е претставена можноста за активности на т.н. бизнис инкубатори, кои би им помогнале на компаниите во двата региона регион да го преживеат периодот на започнување со работа и да им помагаат да го прошират својот бизнис.

Стана збор и за можноста за реализација на проекти за млади на подрачјето на тромеѓето меѓу Северна Македонија, Бугарија и Грција, односно во регионите на Струмица, Петрич и Серес.

Учесниците на конференцијата разговараа и за начините за решавање на проблемите од минатото кои ги обременуваат македонско-бугарските односи и искуството на Чешка во надминување на проблемите со Словачка во минатото во рамките на Вишеградската група.