Во пресрет на официјалната посета на рускиот претседател Владимир Путин на Минск, најавена за денеска, во рамките на која тој треба да се сретне со својот белоруски колега Александар Лукашенко, расте загриженоста и шпекулациите од можен притисок на шефот на Руската Федерација врз Белорусија за нејзино вклучување во борбите во Украина, јавуваат агенциите.

Како што соопшти кабинетот на Лукашенко двајцата претседатели ќе имаат тет-а-тет средба, а состаноци ќе одржат и министри на двете земји.

Advertisements

Путин, според аналитичари и воени претставници, на средбата може ќе се обиде да го убеди Лукашенко да распореди белоруски војници заедно со руските сили во нова офанзива врз Украина.

Според други експерти, пак, можеби станува збор за обид на рускиот лидер да го одвлече вниманието на военото раководство на Украина и да ги повлече нејзините сили од жестоките борби на исток кон границата со Белорусија на север.

Украинскиот генерал-полковник Сергеј Најев на вчера изјави дека двајцата лидери најверојатно ќе разговараат за „поширока вклученост“ на белоруската војска во војната.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина „се подготвува за сите можни“ опции, вклучително и напад од белоруска територија.