За првпат од почетокот на војната рускиот претседател Владимир Путин ги посети окупираните украински територии. Тој слета во разурнатиот град Мариупол каде се водеа жестоки борби, а со освојувањето на челичарницата овој регион од мај минатата година е целосно под руска контрола. Путин објави и видео како се поздравува со локалните жители, а од Кремљ информираа дека посетата била спонтана. Според соопштението, Путин воедно го разгледувал и планот за обнова на градот.
Украинските поранешни градски власти на социјалните мрежи напишаа дека „најверојатно меѓународниот воен злосторник Путин го посетил Мариупол во текот на ноќта за да не го види градот убиен од неговото наводно ослободување на дневна светлина“. Антон Герашченко, советникот на украинскиот министер за внатрешни работи, на твитер објави фотографија од посета на Хитлер во Мариупол за време на Втората светска војна.
„Друг диктатор, исто така, еднаш го има посетено Мариупол. Знаеме како заврши неговата приказна. Многу историчари тврдат дека Хитлер тука сфатил дека ја губи војната“, напиша Герашченко.
Инаку, посетата на Путин следува откако Меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде налог за апсење за рускиот претседател поради сомнение за нелегална депортација на луѓе од Украина во Русија.
Претходно Киев тврдеше дека токму од Мариупол илјадници лица биле насила депортирани во Русија. Од Кремљ кажаа дека обвинувањата на судот во Хаг се бесмислени безобразни и потенцираа дека не ја признаваат јурисдикцијата на овој суд. Во меѓувреме, властите во Берлин истакнаа дека ќе ја почитуваат одлуката и Путин ќе биде уапсен доколку стапне на германска територија./Alsat.mk
Лука Андреев