Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), на последната зимската сесија, одржана со физичко присуство и видео дебата го усвои општиот извештај за следењето на обврските на земјите членки на Советот на Европа. Во делот посветен на Северна Македонија, известувачот Микаел Аструп Јенсен нагласува дека евроинтегративните процеси на земјата се запрени, бидејќи Бугарија го блокира донесувањето на преговарачката рамка, поради користењето на македонскиот јазик во преговорите, јави дописникот на МИА.

Последниот извештај на ПССЕ за пост мониторинг дијалогот со Северна Македонија беше во октомври 2019, кога ја донесе резолуцијата 2304.

-Процесот на европска интеграција на земјата беше обележа со одлуката донесена од Советот на ЕУ на 26 март 2020 година за почеток на пристапни преговори со Северна Македонија (и Албанија) – одлука што земјата ја чекаше од 2009 година. Но преговорите сè уште не можат да започнат, бидејќи Бугарија ја блокира одлуката на Советот на министри на ЕУ за да ја донесе преговарачката рамка за Северна Македонија, вели известувашот Јансен.

Како што вели Јенсен, „Бугарија се спротивставува на употребата на македонскиот јазик во рамките на преговорите и има дивергентни ставови за нивната заедничка историја, и покрај потпишувањето во 2017 година на Договорот за добрососедски односи со Северна Македонија.“

Во целина, според ПССЕ „функционирањето на демократските институции“ во нашата земја е задоволително. Парламентот беше во можност да обезбеди конструктивен политички дијалог и да ги изврши неговите законодавни функции.

Реформите иницирани во 2019 година продолжија, особено во судската област: долгоочекуваниот ревидиран закон за гонење беше усвоен и стапи на сила во јуни 2020 година.

Според оценката на ПССЕ, општата состојба во медиумите останува непроменета, особено во однос на претходно идентификуваните прашања како што се финансиската одржливост на независните медиуми, саморегулацијата, транспарентноста на рекламирањето на медиумите од страна на државните институции, политичките партии и јавните претпријатија, како и независноста на јавен радиодифузен сервис.

ПССЕ уште еднаш ги повтори забелешките и оценките за последниот изборен процес во Македонија, оценувајќи дека овие избори беа генерално добро организирани.