Во Франција за првпат е поднесен парламентарен предлог со кој се повикува на повлекување на земјата од НАТО. Иницијативата ја покрена потпретседателката на Народното собрание и членка на левичарската партија Непокорена Франција (LFI), Клеманс Гете, пренесува Танјуг.

Резолуцијата бара одвојување од западниот воен сојуз и доаѓа во момент на растечки сомнежи околу улогата на Соединетите Американски Држави и насоката на европската безбедносна политика, пишува Берлинер Цајтунг.

Гете наведе дека политиката на САД, вклучително и, како што тврди, „незаконското киднапирање на претседателот на Венецуела“ Николас Мадуро, заканите кон Гренланд, санкциите кон европски функционери и наметнувањето трговски договори, покажуваат дека САД „ефективно ѝ доделуваат на ЕУ статус на вазална држава“.

Според Гете, членството на Франција во НАТО ја изложува земјата на стратешки ризик и би можело да ја вовлече во конфликти кои не се во согласност со нејзините национални интереси.

Таа смета дека излегувањето од НАТО би ѝ овозможило на Франција да ја врати воената и дипломатската независност, да стане неврзана сила и, благодарение на нуклеарното одвраќање, самостојно да ја брани својата територија.

Истовремено, раскинот со алијансата, според неа, не би значел изолација. Франција би можела да го зголеми меѓународното влијание и да промовира мировни иницијативи во франкофонијата, во Обединетите нации, ОБСЕ и други меѓународни форуми.

Политичкиот контекст покажува дека ваков потег не е невозможен: левичарскиот сојуз LFI ја има најсилната пратеничка група во Народното собрание, додека десничарското Национално собрание на Марин Ле Пен исто така е критично кон НАТО.

Францускиот претседател Емануел Макрон во повеќе наврати изразуваше сомнежи околу насоката на алијансата, предупредувајќи на закани од Вашингтон, особено во врска со Гренланд. Во 2019 година, Макрон дури го опиша НАТО како „мозочно мртов“.

Текстот Првпат во Франција поднесен предлог за излез од НАТО е превземен од МАКФАКС.