Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, денеска во неговиот Кабинет ја прими на проштална средба амбасадорката на САД во Северна Македонија, Кејт Мари Брнз.

Како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери и се заблагодари на амбасадорката Брнз за нејзината значајна улога во унапредувањето на политичките процеси во земјата, како и за силната поддршка на процесот на интеграција во НАТО и ЕУ во текот на нејзиниот мандат, истакнувајќи дека Република Северна Македонија и САД негуваат извонредни билатерални односи.

Амбасадорката Брнз истакна дека во текот на нејзиното извршување на функцијата беа донесени неколку клучни одлуки во земјата и се случи и историскиот настан, како што е членството во НАТО.

Таа изрази задоволство од можноста да биде дел од прогресот на земјата во целина и на Собранието. При тоа, го оцени како мошне успешно водството на Собранието од страна на претседателот Џафери и неговите напори да го подигне значењето на Собранието како законодавна власт и да ја зацврсти неговата независност. Брнз додаде дека сите се импресионирани од постигнувањата на Република Северна Македонија и нејзините перформанси како членка во НАТО, стои во соопштението.

На средбата, претседателот Џафери и врачи на амбасадорката Брнз признание за нејзиниот целокупен придонес и и посака успех во нејзините идни професионални предизвици.