Идејата на Макрон се реализира во практика. На почетокот на октомври во Прага ќе се одржи првиот самит на новоформираната Европска политичка заедница. Според иницијаторите, целта на оваа нова организација е стабилност и безбедност на континентот. Амбасадорот Ѓорѓи Филипов за Алсат оценува дека Европската политичка заедница е производ на свесноста за потребата од европска сплотеност. Според Филипов оваа асоцијација ќе овозможи дијалог за безбедност во географска Европа.
„Овде нема да присуствуваат САД и Руската федерација. Европа станува свесна дека е потребно да си изгради сама можност за економска, енергетска, па и одбранбена независност од останатите големи сили во светот. Тоа е основната идеја на оваа политичка заедница, како што јас ја разбирам. Тоа нема да биде никаква алтернатива за ЕУ која има поинакви цели“,рече Ѓорѓи Филипов – дипломат.
Иницијативата на Макрон стана мета на критики кога првично беше објавена во мај годинава. Многумина ја протолкуваа како втора лига на Европската унија и во земјава се покрена дебата дали Европската политичка заедница е замена за полноправно членство во ЕУ. Амбасадорот Филипов го поздрави учеството на Македонија. Тој смета дека оваа асоцијација, кога би се споредувала, повеќе наликува на ОБСЕ отколку на ЕУ.
„Ова е организација за дијалог, за безбедност, за засилена соработка во енергетика, односно една заедница на народи. Европската политичка заедница не е нешто што е рамно на Европската унија, која е економска и политичка унија и има иницијатива да прерасне во една организација на обединети европски држави“, додаде тој.
Идејата за формирањето на ЕПЗ следува по војната во Украина и барањето на Киев за членство во ЕУ. Според амбасадорот, руската интервенција во Украина не е главната причина за создавањето на оваа заедница. Инаку на првиот самит во Чешка, освен 27-те земји членки на ЕУ, се очекува да учествуваат и Ерменија, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Лихтенштајн, Молдавија, Црна Гора, Македонија, Норвешка, Србија, Швајцарија, Турција, Украина и Велика Британија./Alsat.mk
Лука Андреев