Единствениот пат до ЕУ е патот на реформите. Тоа значи сеопфатни реформи како што е наведено во извештајот на ЕК и во извештајот за скрининг процесот. Затоа што ако сакате да ги уживате поволностите на членството во ЕУ, мора да бидете доволно отпорни и подготвени, да се осигурите дека можете да уживате во нив. А ние како ЕУ мора да бидеме сигурни дека доаѓате како партнер, којшто е цврст и отпорен. Затоа инвестираме многу во реформите и продолжуваме да го правиме тоа. Реформите се од апсолутно суштинско значење.

Ова го истакна Дејвид Гир, шефот на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, на денешната заедничка прес-конференција во Владата со вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ по повод објавувањето на Извештајот на Европската комисија.

-Што се однесува до самиот пристапен процес, во врска со уставните измени, јасно е, договорот е дека веќе ги отворивме пристапните преговори, скринингот тече добро, барањето за патокази е доставено. Следниот чекор е идентификување и движење кон преговорите кон првиот кластер, а тоа зависи од промената на Уставот. Ова се два важни елементи на долг рок, а реформите секако се апсолутно клучни и во интерес на граѓаните, порача Гир.

За вицепремиерот Маричиќ, прашањето дали ќе ги почнеме или не преговорите со ЕУ е лажна дилема, бидејќи земјата ги почна преговорите. Прашањето е, вели, дали ќе продолжиме понатаму, а продолжувањето не е врзано за овој извештај, туку за уставните измени.

-Ние недостатоците од овој извештај треба да ги ставиме и ги ставаме во нашите како листа на наши задачи во текот на преговорите, а дали ќе отидеме во наредна фаза зависи само од тоа дали ќе ги направиме уставните измени, рече Маричиќ на новинарско прашање дали по оценките во Ивзештајот на ЕК земјата ќе ги продолжи преговорите со ЕУ.

Според Маричиќ, врз основа на скринингот имаме добиено Извештај за првиот кластер, темелни вредности, а ги очекуваме, посочи, и извештаите за сите кластери. Преку тој скрининг процес сите овие слабости што се наведени во Извештајот и тие се веќе ставени во патоказите во коишто, треба да ги отстраниме сите наши слабости во наредниот период на преговорите.

-Еве денес ќе го добиеме официјално писмото каде што не покануваат да ги доставиме патоказите. Инаку патоказите се услов за отворање на првиот кластер. Ние ќе ги доставиме и понатаму дали ќе одиме  во наредна фаза на отворање на кластерот или не е во зависност од тоа дали ги имаме уставните измени, вели Маричиќ.

Прашан во  однос на забелешките околу злоупотребата на европското знаме, вицепремиерот за европски прашања вели дека европското знаме секогаш се користи на предлог на Владата и кога за тоа има услови и основа. При тоа наглсува дека со усвојување на новиот Деловним на Собранието воопшто нема да има потреба од употребата на европското знаменце.