Продолжувањето на евроинтегративниот пат на Северна Македонија ќе биде една од клучните теми за кои ќе се разговата за време на посетата на претседателката на Европската комисија на земјава, Урсула фон дер Лајен, која треба да се реализира на крајот на месецов, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски.

Одговарајќи на новинарско прашање по отворањето на  новиот објект за форензички испитувања на Министерството за внатрешни работи, во врска со тоа дали посетата на Фон дер Лајен е можеби со цел да ја убеди опозицијата да поддржи уставни измени, Ковачевски рече дека таа одлука зависи од нас.

-Една од клучните теми е продолжување на нашиот евроинтеграциски пат, земјава во моментов е најдобра во регионот и сигурно дека ЕУ, која што веќе го отпочна процесот за свое реформирање, со оглед на тоа дека ќе има прием на нови членки, сака да ја види земјата и во своите редови, бидејќи оној којшто е најдобар треба и прв да влезе, рече Ковачевски.

Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека на крајот ќе имаме редовни избори, а нивниот датум ќе мора да биде договорен со сите политички партии во Собранието.

Премиерот нагласи дека посетата ќе биде можност да се поразговара и за скрининг процесот, ќе се дискутира и за инвестициите, кои ЕУ ги има во Северна Македонија, но и за целокупниот процес на евроинтеграција.

-Сметам дека доаѓа еден голем пријател на нашата држава, со којшто ќе имаме состаноци и јас и претседателот на државата и секако членовите на Владата, истакна Ковачевски, кој напомена дека тој и претходно ја споменал посетата на Фон дер Лајен, но како што рече, оставил од таму да ја најават посетата, „бидејќи секогаш гостинот го најавува точниот тајминг“.

Премиерот и минатата недела истакна дека посетата на шефицата на Европската комисија е во рамки на редовната комуникација меѓу ЕК и нашата држава и тогаш рече дека „никој не доаѓа некому да врши тортура, како што кажуваат од опозицијата“.

-Еден од претседателите во опозицијата кажа дека очекувал некој тортура да му прави, гледате дека ниту некому му се случи тортура, ниту некому му се правеше притисок. Северна Македонија нормално функционира, нормално се одвиваат демократските процеси и мислам дека така и ќе продолжи со тоа што ние треба да ги исполниме нашите обврски коишто се однесуваат на преговарачката рамка и да продолжиме со европските интеграции и до 2030 година да станеме земја членка на ЕУ, истакна тогаш Ковачевски.