Конференција „Подобрување на пристапот до лекови за сите”: Непречениот пристап до лекови – фундаментално човеково право

Процентот за здравствено осигурување со години наназад е намален и споредено со соседните земји е многу поголем, иако платите во овие држави се повисоки од оние кај нас, со што во овој дел ние се наоѓаме на дното, истакна заменик министерот за здравство Владимир Рендевски на денешната конференција насловена „Подобрување на пристапот до лекови за сите”.

На конференцијата беше истакнато дека пристапот до лекови во земјава не е еднаков за сите пациенти, што особено дојде до израз по пандемијата со Ковид-19.

Заменик министерот за здравство Рендевски во своето обраќање пред присутните во однос на состојбата со здравствениот систем се осврна на два сегмента – можностите за подобрување на пристапот до лековите за сите пациенти и одржливото финансирање на здравствениот систем во државава.

Едно со друго тие се тесно причинско-последично поврзани. Ако немаме економски одржлив здравствен систем не ќе можеме да имаме еднаков пристап до новите иновативни лекови, рече Рендевски.

Заменик министерот оцени дека се потребни строго одредено пропишани критериуми за давање на лекови, како и усогласеност на здравствената каса со современите европски лекови, со цел воспоставување одржлив здравствен систем.

На конференцијата присуствување и првата дама Елизабета Ѓоргиевска која порача дека фундаменталното човеково право на здравствена заштита подразбира непречен пристап кон неопходните лекови, меѓутоа во нашата држава лековите честопати се скапи споредено со животниот стандард.

Многу лекови се честопати прескапи за животниот стандард, а токму Комората помага со пристапот со лекови. Неусогласеноста со европските директиви и нефункционалноста на системот за утврдување и донесување на позитивната листа на лекови се една од основните причини. Новиот Закон за лекови за жал се уште не е усвоен и оттука не треба да изненадува што во нашата држава имаме многу мала достапност до иновативни лекови за пациентите. Здравствената, економската и енергетската криза ги зголемија трошоците за производство, а со тоа и цените на производите, продлабочувајќи ја нееднаквоста во пристапот на лекови особено за најранливите категории, оцени Ѓоргиевска.

Таа порача дека здравјето на граѓаните никако не смее да биде шанса за профит заради системски слабости, а како што рече таа здравствениот сектор е последниот од кој треба да се штеди.

Институциите не треба да дозволат граѓаните да бидат доведени во состојба да избираат меѓу живот и сиромаштија, меѓу здравје или задолженост. За жал многу често и тоа се случуваше. Дури 40 проценти од трошоците за здравствена заштита пациентите ги плаќаат од својот џеб, рече Ѓоргиевска.

Според неа, долгорочното решение на овој проблем подразбира воспоставување систем за редовно ажурирање на позитивната листа на лекови, нов Закон, нова уредба, па и овозможување на посебни договори за иновативни лекови.

Драган Давитков, директор на Американската стопанска комора во Македонија (АмЧам), која беше организатор на настанот на инцијатива на Комитетот за здравствена заштита при АмЧам, беше децидни дека здравствените политики мора да бидат приоритет на секоја Влада.

Потребна е сеопфатна дискусија на сите засегнати страни, со цел да се идентификуваат најдобрите решенија и да се дадат препораки за креирање на јавни политики базирани на докази. Потребно е јасно и транспарентно идентификување на проблемите, како и воведување на анализи кои ќе овозможат разгледување на различни алтернативи при решавање на проблемите, изјави Давитков.

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.