До 16 август 2021 година, сите работници во јавните и приватните домови за нега на стари лица, во центрите за рехабилитација, за грижа на лица со инвалидитет и попреченост, во домовите за деца без родители, во институциите за згрижување на хронично болни и слично, ќе треба да бидат целосно вакцинирани или да имаат примено барем една доза, во спротивно, тие што ќе одбијат, ќе бидат испратени на принуден неплатен одмор, соопшти денеска министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас, јави дописничката на МИА од Атина.
Вакцинацијата, како што вчера најави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, ќе биде задолжителна за вработените во центрите за грижа и за здравствените работници, а надлежниот министер на прес конференција ги соопшти деталите.
Задолжителната вакцинација се однесува на целиот персонал, на здравствениот и административниот, а за прием во центрите за кои важат одлуките, предуслов е завршената имунизација.
Паралелно, за домовите за нега на стари лица, во центрите за рехабилитација, за грижа на лица со инвалидитет и попреченост, во домовите за деца без родители, во институциите за згрижување на хронично болни итн, кои ќе ги прекршат правилата, предвидена е парична казна од 50.000 евра за првиот и 200.000 евра за евентуален втор прекршок.
Во однос на здравствените работници и административниот персонал во болниците, здравствените центри, дијагностички центри, центрите за рехабилитација, клиниките, итн., без разлика дали се приватни или јавни здравствени структури, Кикиљас соопшти дека вакцинацијата ќе биде задолжителна од 1 септември 2021 година.
Министерот за здравство на Грција, на прес конференцијата се осврна и на епидемиолошката слика и процесот на имунизација во земјата, рече дека досега се аплицирани 9.330.000 дози, но и дека вчера, по подолг период имало и 100 хоспитализирани пациенти со Ковид-19 во грчките болници.
Во изминатите денови во Грција е регистриран зголемен број новозаразени, а претседателот на Националната организација за јавно здравје Панајотис Аркуманеас во интервју за грчката телевизија ЕРТ рече дека денеска се очекуваат околу 3.000 нови случаи на Ковид-19.