Даночните маневри на големите корпорации повторно се во фокусот откако Амазон објави рекордни 44 милијарди евра приходи во Европа во 2020 година, но не платил ниту цент во Луксембург, каде се наоѓа неговото европско седиште.
Во објавата на Amazon EU Sarl. посочува дека компанијата имала загуби од 1,2 милијарди евра на Стариот континент. Освен тоа, добила и 56 милиони евра даночни кредити со кои би компензирале евентуални идни даноци. Компанијата има и во билансот 2,7 милијарди евра загуби од претходно со кои исто така може да компензира евентуален профит во иднина. Во Велика Британија информацијата беше прифатена со негодување, пишува Гардијан. Маргарет Хоџ пратеник од лабуристите посочува дека „неуморната кампања на Амазон да избегне плаќање даноци продолжува“.
– Податоците се шокантни, дури и за Амазон, нагласи Пол Монахон, главен директор на Fair Tax Foundation, посочувајчи дека компанијата ја зголемува својата доминација во светот за сметка на малиот бизнис и продолжува да не плаќа даноци.
Портпарол на Амазон изјави дека бизнисот на компанијата е со ниски приходи, а загубата се должи на огромните инвестиции кои ги направи. „Инвестиравме над 78 милијарди евра во Европа од 2010 година“, соопшти компанијата. (МИА)