Јавна здравствена установа пријавила осум случи за извршени непотребни кардиохируршки интервенции во интерната комисија што ја формира Министерството за здравство по скандалозните тврдења на кардиологот Сашко Кедев дека во земјата за пари се прават операции на срце и кај пациенти што немаат медицинска потреба. Интерната комисија утре ќе се состане и овие осум случаи ќе бидат првите што ќе ги разгледа, а меѓународната комисија, пак, ќе почне со работа штом заврши потпишувањето на договорите за ангажирање на експертите.
„Во интерната комисија се доставени медицински досиеја за осум случаи. Комисија ќе ги обработи сите детаљно со цел да се утврди вистината врз основа на медицинските факти. Комисијата утре ќе се состане и овие досиеја ќе бидат првите случаи по кои ќе биде постапено. Како Министерство за здравство веднаш направивме интерна комисија составена од медицински експерти, правници и економисти. Нејзината задача е да ги утврди фактите и да постапува врз основа на медицинските докази според највисоките меѓународни стандарди и прецизни методолошки правила во кои се дефинирани. За членовите на меѓународната комисија постапката е при крај, треба да се заврши административниот дел – потпишувањето на договорите, за да може јавно да ги кажеме имињата. Се работи за светки признати имиња од Словенија, од Италија и од Австрија“, рече денес министерот за здравство Азир Алиу и нагласи дека побарал и вонреден стручен надзор од Лекарската комора.
Министерот Алиу, работењето на комисиите, кое сега е фокусирано на кардиолошките и на кардиоваскуларните интервенции, го нарече „терапија за здравствениот систем“ и најави дека ќе се прошири на сите сегменти и дека никој, ниту од јавното ниту од приватно здравство, нема да биде поштеден ниту, пак, неправедно стигматизиран.
Освен осумте случаи за непотребни операции, пријавени не од пациенти, туку од јавна здравствена институција, Министерството за здравство на сите расложливи алатки не добило друга пријава или претставка. Минатата недела здравствените власти повикаа сите што се сомневаат да ги пријават случаите, дури и ако не ја чуваат документација оти таа треба да стои во архивите на здравствените институции.
Текстот Пријавени осум случаи на непотребни операции на срце, ќе ги оценуваат и експерти од Словенија, Италија и Австрија е превземен од МАКФАКС.