Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска го прими министерот за надворешни работина Република Туркије, Хакан Фидан, кој престојува во посета на Северна Македонија.

На средбата присуствуваа и генералната секретарка, Марина Димовска, и членови од Пратеничката група на Собранието на РСМ за соработка со турскиот Парламент, чиј претседател е пратеникот Бејџан Иљас.

Претседателот Гаши притоа истакна дека Северна Македонија и Турција негуваат силно традиционално партнерство и пријателство. Нашите две земји, рече тој, одлично соработуваат во рамки на НАТО, а потпишан е и Протокол за соработка во делот на европските интеграции.

Гаши потсети и на одличната економска соработка, нагласувајќи го фактот дека Туркије постојано е меѓу нашите најзначајни трговски партнери. Во тој контекст, претседателот истакна дека нашиот интерес за унапредување на економската соработка и поттикнување турски инвестиции во земјава го потврдивме со испраќање на економски промотор во Туркије, а во таа насока работи и Стопанската комора на РСМ–РТ, МАТТО.

Претседателот на Собранието упати и лична благодарност до министерот Фидан за неговиот придонес како еден од промоторите на активностите во земјава на  Агенцијата на Република Туркије за соработка и координација – ТИКА, која подолго време е ангажирана во Северна Македонија и има реализирано бројни проекти во културата, здравството, образованието, земјоделството и слично.

Соговорниците се согласија дека двете држави ги поврзуваат историски и културни врски, а граѓаните од турската заедница во земјава и граѓаните кои се иселени од тука и живеат во Република Туркије се мост за унапредување на односите.

На средбата, беше истакната и плодната и успешна соработка на ниво на парламенти. Во таа насока, претседателот Гаши ја најави својата посета на Анкара и средбата со својот турски колега следниот месец.