Познат пар руски комичари тврдат дека ја изиграле поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, наведувајќи ја да зборува за војната во Украина.
Нејзината канцеларија во Берлин потврди дека поранешната канцеларка, која ја напушти функцијата на крајот на 2021 година, навистина била контактирана.
„Можам да потврдам телефонски повик со повикувач кој се претставуваше како поранешен (украински) претседател Петро Порошенко“, изјави портпаролот на Меркел за ДПА.
Од кабинетот на Меркел во соопштението се наведува дека телефонскиот разговор се случил на 12 јануари и дека бил преведен од службите на германското Министерство за надворешни работи.
Во соопштението за медиумите се наведува дека Меркел го информирала Министерството за надворешни работи за впечатоците од разговорите.
За време на нејзиниот мандат Меркел често комуницираше со Порошенко (57), кој ја водеше Украина од 2014 до 2019 година, пред да биде наследен од актуелниот украински претседател Володимир Зеленски.
Познато е дека комичарите, наречени Вован и Лексус, ги измамуваат светските лидери и познати личности претставувајќи се како државни функционери или лидери во телефонските повици.
Извор: ABC News