На митингот за поддршка на владата пред Собранието на Бугарија вечерва се приклучија и премиерот Кирил Петков, министри и пратеници од „Продолжуваме со промените“, „Демократска Бугарија“ и „БСП за Бугарија“. Тие беа пречекани со аплауз од граѓаните кои го исполнија плоштадот откако парламентот го поддржа изгласувањето недоверба на владата со 123 гласа „за“, 116 „против“ и без воздржани.
-Заедно одиме напред, им порача Кирил Петков на демонстрантите. „Со вас сме“, одговорија насобраните граѓани. Овој глас е мал чекор кон долгиот пат до победа на државата, вие сте гаранција дека оваа држава ќе изгледа поинаку по следните избори, рече Петков.
-Сите вие ни давате голема доверба дека ова што го правиме има смисла, им порача на граѓаните претседателот на Народното собрание Мирослав Иванов.
-Вашата поддршка и енергија се гаранција дека оваа војна што ја започнавме не завршува денеска, туку до нејзиниот успешен крај, рече пред насобраните луѓе поранешниот претседател на Собранието Никола Минчев.
-Важно е да се формира влада која успешно ќе ја заврши борбата против мафијата, изјави министерот за финансии Асен Василев. …Резултатот е добар, на следните избори ќе има четири гласа против мафијата, рече тој. Единствениот кабинет што ќе го направиме ќе биде кабинет за исфрлање на мафијата, додаде Василев.
Претседателот на пратеничката група на „Продолжуваме со промените“ Андреј Ѓуров изрази надеж дека во следниот обид за формирање кабинет ќе успеат да го консолидираат мнозинството.