Пишува: Атанас Величков
Во декември минатата година претставникот на Бугарија во ЕУ Румен Александров на состанокот на Советот за општи прашања изјави дека „Бугарија не може да ја одобри нацрт-преговарачката рамка, ниту да постави краен рок за свикување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија“.
Неколку месеци подоцна овој цитат би требало да му подејствува отрезнувачки на технократот-премиер на РС Македонија Димитар Ковачевски, но реалноста, ако извадиме заклучоци од неговиот последен медиумски настап во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24, покажува нешто сосема поразлично од отрезнување.
Ситуацијата во која што се наоѓа РС Македонија е повеќе од едноставна. Скопје треба да добие од Софија „зелено светло“ за почеток на преговорите со ЕУ. За таа цел Бугарија треба да ја одобри преговарачката рамка, за да може да се свика првата меѓувладина конференција со Северна Македонија. За оние кои заборавиле или пак не сакаат да ја прифатат реалноста, фамозното вето на Бугарија е токму неодобрувањето на преговарачката рамка, која како што вели Ковачевски не ја одобрува само една земја, во случајот Бугарија.
Премиерот изгледа заборавил дека, ако и само една земја-членка не ја одобри рамката, тоа значи дека земјата-кандидат има сериозен проблем со сите земји-членки на ЕУ за решавањето на својот статус. Тука, како што видовме од неславното искуство со авантурите на Никола Димитров низ европските метрополи, не помага ниту црната кампања против Бугарија, ниту парите потрошени за институти како ИФИМЕС од Словенија.
Премиерот Ковачевски доколку сака да го забрза процесот за почеток на преговорите со ЕУ, треба да биде доволно храбар и да ги искористи своите лостови за влијание, отворените прашања со Софија да бидат решени пред почетокот на преговорите. Така Бугарија нема да има оправдување за било какво кочење на евроинтеграцискиот процес на својот југозападен сосед.
Опцијата РС Македонија да ги почне преговорите без решавање на отворените прашања не доаѓа предвид. Тоа им е јасно на сите што го следат процесот и го знаат разположението на партиите кои се во владејачката коалиција во Бугарија. Тоа би требало да му биде јасно и на бугарскиот премиер Кирил Петков, кој има една нездрава загриженост околу стабилноста на владата предводена од Ковачевски, изразена во стилот- ајде да не ја разгоруваме печката, за да не изгори куќата на комшиите. Уверениот и понекогаш надмен тон со кој Ковачевски зборува за отворените политички прашања со Бугарија треба да биде забележан и во Софија, посебно од советниците на премиерот начело со Весела Чернева. Тоа е од исклучителна важност.
Што ќе испорача Ковачевски е важно не само за неговата влада, туку и за владата, која во овој момент се наоѓа во кабинетите на булеварот „Дондуков“ бр. 1. во Софија.
Бугарската власт веќе не може да си дозволи да биде „милостив самарјанин“покрај сите напади од страна на македонската политичка, научна, а зашто да не и новинарска елита. Загриженоста за тоа дали РС Македонија ќе се европеизира, а не за бугарското национално достоинство и се разбира за правата на Бугарите во РС Македонија е политички и национално неодговорно однесување.
Подготвен ли е Ковачевски да даде гаранции за стопирањето на процесот на дебугаризација, за промената на учебниците и за правата на Бугарите, како и за нивното внесување во Преамбулата на македонскиот Устав? Да се надеваме дека одговорот треба да биде потврда на бугарските барања, а не да се крие во неговото надмено „преговарачката рамка ја одобруваат сите членки на ЕУ, не само една држава“.
Треба да се забележи и промената на вокабуларот, ако за поранешниот премиер Бугарија беше братска и соседна земја, за Ковачевски Бугарија е само соседна земја. Тоа е позитивен напредок бидејќи, веќе не мора да ја трпиме лигавата лицемерност на поранешниот премиер и е добро што неговиот наследник не ја користи, како алатка за замајување на неговите соговорници од бугарска страна.
Бугарскиот премиер не треба да ја потценува југословенската политичка школа. Потребно е само да го прочита ставот на македонскиот дипломат Арсим Зеколи. Тој во прав текст кажа чие „дете“ е веќе одобрената идна амбасадорка на РС Македонија во Бугарија, дипломатката Агнеса Руси Поповска. Ковачевски е од истото котило, макар и да не е толку лицемерен како неговиот претходник.
Сите останати приказни за враќање на довербата, за авионски линии, за зголемени бизнис контакти итн, ќе останат само убави поенти за божемното враќање на довербата меѓу двете општества. Бугарија мора да се исчисти од агентите на Путин на своја територија, за да тргне со уште по-цврсти чекори кон својот развој, а РС Македонија треба да покаже дека созреала и веќе нема потреба да ги користи Бугарите, Албанците или јавните и прикриени русофили во двете држави, како оправдување за неуспешноста на македонската политичка класа да ја направи земјата нормално место за живеење.