Колку и да ви изгледа дека изработката на медена куќичка е комплицирана, не плашете се да се впуштите во оваа кулинарска авантура. Не се потребни којзнае какви кулинарски вештини за да ја направите, туку треба да знаете неколку едноставни трикови што ќе ви ја олеснат работата.
Откако ќе го подготвите тестото, за кое на интернет можете да најдете многу различни рецепти, следен чекор е составувањето и декорацијата. Иако логично ви е прво да ја составите па да ја декорирате куќичката, сепак работата оди во поинаков редослед.
Совршен покрив и прозорци
Деловите од куќата декорирајте ги со преливот познат како „ројал ајсинг“ и бонбони, оставете да се залепат убаво и да се исуши преливот, па потоа можете да преминете во спојување. На овој начин си ја олеснувате работата затоа што полесно се декорира на рамна површина отколку на готова куќа и секако го избегнувате непријатното течење на преливот.
Освен тоа можете да ѝ дозволите на вашата креативност да ве води и да користите интересни декорации од бонбони, чоколадни трошки, слаткарски бисери и друго. На прозорците можете да ставите топени бонбони, кои ќе имаат ефект на шарени стакла.
Но, само еден дел од медената куќа ќе морате да го декорирате откако ќе ја склопите куќичката, а тоа е покривот. Затоа прво декорирајте ги прозорците, исцртајте тули, снег, ставете бонбони на ѕидовите, спојте ја куќичката и потоа на крај продолжете со декорација на покривот.
Како да ја споите куќичката?
Оваа постапка честопати ви е вистински кошмар, и воедно најчеста причина поради која се откажувате да ја правите куќичката. Често се случува по неколку неуспешни обиди да ја „изградите“ , засекогаш да се откажете од овој декоративен десерт.
Од сите досегашни пробани начини за склопување на куќичката, најдобар се покажал оној со карамел од топен шеќер. Карамелот дејствува како лепак и најдобро од сè е што брзо се суши. За да го приготвите, во еден поширок сад да ставете околу 100 г шеќер и додајте му малку вода 4-5 лажици, колку да не се залепи на дното. Потоа пржете го додека се стопи. Малку изладете го, затоа што врелиот шеќер може да ги уништи корите за куќичката. Потоа секој дел кој треба да го споите, со работ натопете го во карамелот и залепете го. Кратко задржете додека се залепи и тоа е тоа. Деловите мораат да бидат целосно изладени и најдобро е да ги приготвите еден ден претходно.