За влез на територијата на Грција задолжителен е сертификат за вакцинација или негативен ПЦР тест, но алтернативно може да се прикаже потврда за прележан Ковид-19. Овие правила за влез беа воведени минатата недела, а властите во Грција одлучија тие да бидат продолженидо 31 мај 2021 година.
Граничниот премин Евзони (Богородица) е единствениот кој е отворен за македонските граѓани со работно време од 7 до 23 часот по локално време, односно од 6 до 22 по македонско време.
Инаку, денеска за прв пат од почетокот на пандемијата се забележува зголемена сообраќајната раздвиженост на граничниот премин Богородица.
Тоа беше забележливо уште во текот на вчерашниот ден, бидејќи македонски државјани заминуваат во Грција за продолжениот викенд.
Предусловите и неопходните документи за влез во Грција се опишани во посебен член на министерската одлука. Како што јавува МИА, сите посетители „независно од државјанството и начинот на влез во земјата“ имаат две опции и една алтернативна можност во однос на документите кои треба да ги приложат во врска со Ковид-19.
Првата опција е целосно завршена вакцинација 14 дена пред патувањето и да достават сертификат за вакцинација на англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик издаден од јавна установа.
Втората опција е негативен ПЦР тест направен 72 часа пред патувањето одобрен од државата на потекло.
Алтернативно посетителите на Грција може да достават потврда за прележана болест или позитивен резултат од ПЦР или антиген (брз) тест што е валиден од два до девет месеци од датумот на заболување наведен во документот издаден од јавна установа или од лаборатории одобрени од државата на потекло, се вели во министерската одлука.
Северна Македонија заедно со уште 20 држави е во исклучоците од забраната за влез во Грција за државјани на трети земји.