По жестоките реакции во јавноста дека месецов сметките за струја ќе бидат повисоки, пратениците решија утре на пленарна седница да дебатираат за намалувањето на ДДВ-то на електричната енергија. Но, и утре пратениците да дадат зелено светло за измените во законот и ДДВ да се намали од 18 на 5 проценти, на граѓаните во изминативе 15 дена ќе им се пресметува повисока цена на струја за 12,3 проценти и 18 проценти ДДВ во зависност од тоа кога се читаат броилата за потрошена електрична енергија.
За доцнењето на законот, од ВМРО ДПМНЕ денеска ја обвинија власта.
„ВМРО- ДПМНЕ го забрза и го поддржа носењето на овој закон. Прашањето кое треба да го постават и граѓаните и медиумите зошто повеќе од една недела се чека да се закаже пленарна седница на која што ќе помине овој закон. Нејасни се причините на калкулациите на владејачкото мнозинство, а фактички на терен ќе се случи тоа што ВМРО- ДПМНЕ го најавуваше граѓаните ќе добијат повисоки сметки за струја“, рече Тимчо Муцунски – претседател на Комисија за финансирање и буџет.
Иако министерот за финансии Бесими вчера уверуваше дека ќе се консултираат дали може да се интервенира намаленото ДДВ да се пресметува од почетокот на месецов, денеска од Министерството не дадоа конкретен одговор дали оваа можност е реална.
„Сѐ додека Законот не помине на Собранието не се изгласа и не се објави во Службен весник важи постојното законско решение а тоа ДДВ-то е 18 проценти, затоа постојано апелиравме да има разбирање и во дискусија колку што е можно побрзо да пројде тоа во Собрание“, рече Фатмир Бесими- Министер за финансии.
На прашањето зошто во законот не е дефинирано намаленото ДДВ да важи од 1 јули, од кога почна да се пресметува повисоката цена на струјата, Бесими одговори дека во Владата очекувале пратениците навремено да ја донесат оваа мерка.
Андреа Чобанова