Поранешниот британски премиер Џон Мејџор ја критикуваше серијата „Круна“ на Нетфликс, чиј петти дел ќе започне да се прикажува на 9 ноември, нарекувајќи ја „куп глупости“.
Биографите и коментаторите на кралското семејство веќе остро ја критикуваат новата сезона, која излегува два месеци по смртта на кралицата Елизабета Втора. Новите епизоди се критикувани дека содржат голем број невистини и дека му наштетуваат на угледот на тогашниот принц Чарлс, кој оттогаш стана крал.
Како што пишува британскиот печат, во петтата сезона ќе се зборува за Чарлс, кој уште додека беше принц од Велс прави заговор за соборување на кралицата. Медиумите претпоставуваат дека тоа ќе вклучува разговори во кои Чарлс го притиска Џон Мејџор да ја принуди неговата мајка да абдицира.
„Чиста фикција“
Опкружувањето на поранешниот конзервативен премиер, кој беше на власт од 1990 до 1997 година, објави соопштение во кое се наведува дека тоа е „чиста измислица“.
„Сер Џон и принцот од Велс никогаш не разговарале за абдицирањето на кралицата Елизабета Втора. Џон Мејџор на кој било начин не соработувал со круната. Никој не му пристапил да го провери сценариото на шоуто“, се вели во соопштението.
„Доколку сцените се навистина такви какви што ги опишуваат медиумите, треба да се гледаат исклучиво како штетна и злонамерна измислица. Тоа ќе биде куп глупости што се пренесуваат заради драматизација, што е целосно невистинито“, се додава. .
Продуцентите ги отфрлаат ваквите критики и истакнуваат дека „секогаш ја најавувале серијата како фикција базирана на историски настани“.