Воведувањето на полиграфски тестови за службеници кои работат на високоризични работни места на граничната линија со цел превенирање од можна корупција е идеја предложена од владиниот Национален координативен центар за гранично управување за која допрва се очекува ставот од пошироката и стручната јавност. Досега се одржаа две јавни дебати на кои можеа да се забележат различни мислења за ефикасноста на полиграфите во постигнување на целта, доверливоста на резултатите, како и правните и етичките импликации.

Намерата е полиграфот да се користи како тест за утврдување на чесноста и интегритетот на лицата пред стапување на должноста и потоа еднаш годишно задолжително за секој кој работи на ризично работно место на граница. За тестот ќе бидат задолжени лиценцирани професионалци со најсовремени апарати за детектирање лаги и доколку службеникот падне на тестот, ќе биде отстранет од работното место. Но стравувањата се дека може да се злоупотреби и да стане уште една алатка на веќе партизираните институции. Полиграфот не е дозволено да се користи во кривична постапка како доказ, а го користи полицијата со согласност на осомничениот, меѓутоа и во тој случај тоа не може да се изведе како доказ во кривична постапка.

За ефикасноста на полиграфите

Никола Божиновски, претставник на компанијата „Полиграф центар“, лиценциран полиграфист со долгогодишно работно искуство во јавниот сектор во разговор за МИА уверува дека точноста на дигиталниот полиграфски уред од најновата генерација, според многу научни истражувања изнесува до 97 проценти. Тоа не значи дека од 100 испитаници тројца го поминуваат полиграфот, туку дека секое тестирање е со точност од 97 проценти.

Појаснува дека полиграфот е систем во кој се вклучени повеќе сензорни компоненти кои меѓу другото ги следат промените во дишењето, во срцевото биење и промената на крвниот притисок по даден стимул во вид на прашање. Во него се вклучени и сензори за заштита од контра мерки односно микродвижење на испитаниците кои се обидуваат да го лажираат тестирањето.

-Точноста на полиграфските тестирања е до 97 проценти. Различноста во точноста зависи исклучиво од применетата техника и полиграфскиот беграунд на испитувачот. Доколу тестирањето го врши лиценциран испитувач кој стриктно ја следи методологијата за работење со полиграф ве уверувам дека овој процент не може да се намали, наведува Божиновски кој е лиценциран и од Американската полиграфска асоцијација (АПА) и е член на Европска полиграфска асоцијација.

Тој уверува дека лиценцираниот испитувач во никој случај нема да ги прекрши етичките правила и норми со кои е заштитен испитаникот од кои најбитни се дека испитувањето во сите случаи е доброволно и дека ќе се почитуваат сите расни, верски, полови, етнички и други права согласно со АСТМ стандардите кои се светски прифатени. Според Божиновски, исклучена е и можна манипулација со резултатите од тестирањето.

– Резултатите од тестирањето не можат да се сменат. Тоа тече лајф (во живо) на компјутерска програма, не може да се смени името, ниту амплитудите. Сите тестови на полиграфскиот истражувач се подложни на ревизија и тие се чуваат, тие се строго доверливи. Тестот мора да биде ист со исти резултати кога го прават повеќе истражувачи. Се поставуваат 10 до 12 прашања, испитаникот се запознава претходно со прашањата и се повторува тестирањето три до пет пати, а потоа резултатот се изведува од сумирање на сите пет (повеќе пати доколку свесно испитаникот го поткопува тестот со кашлање), вели Божиновски.

Најсилни аргументи во однос на употребата на полиграфот како превентивна мерка од корупција во царината и на граничната линија е што со помошта на овој уред, вели, може да се открие секое девијантно однесување.

-Со примена на софистицираните методи кои се лиценцирани секоја корупција и девијантно однесување ќе се открие. Резултатите не можат да се лажираат оти тоа се снима во живо, не може да се промени името. Ако е полиграфистот уморен, заморен, нервозен, тука е грешката од тие три проценти, наведува тој и затоа во текот на еден ден во зависност од типот на тестирањето се прават две до три полиграфски тестирања.

Кој е профилот на полиграфскиот истражувач

За стекнување со експертиза за полиграфист квалификувани се лица кои имаат образовен профил од  правото, криминологијата, психологијата, од машински факултет, општествени науки, медицински науки.

Полиграфистот претходно треба да помине 400 часа обука, која вклучува теорија и пракса. Се учи историја, физиологија, нервен систем, психофизиологија, потоа се оди на инструменти, типови на тестирања и практична обука.

Лиценците за полиграфисти ги издаваат посебни стручни асоцијации. Во Европа тоа е Европска полиграфска асоцијација, а во САД, Американската полиграфска асоцијација (АПА).

Овие лиценци секоја година се обновуваат, а полиграфистите мора да се надградуваат со дополнителни обуки.

 

Психолошките аспекти во однос на примената на полиграфите

Д-р Мирјана Јовановска-Стојановска, универзитетски професор, психотерапевт и претседателка на Комората на психолози во разговор за МИА посочува дека полиграфското испитување вклучува два големи дела – самата машина која регистрира односно мери некои физиолошки карактеристики на човекот како чукање на срцето, притисокот, лачењето на потта од кожата, движењата. Вториот дел се состои од поставување на прашања и истражување кој е многу подолг процес.

Самото мерење трае кратко, десетина минути, но подготовката пред да се стави некој на полиграфот и потоа, според неа, е тоа што оваа постапка ја прави да биде земена во предвид како релевантна. При тоа, нагласува, многу е битно оној што го води сето тоа, како тој се подготвува, колкава е неговата обученост да ги поставува вистинските прашања.

-Тие физиолошки мерки се само индикатори да покажат во кој правец треба да се води истражувачката постапка. Полиграфот е дел од една многу поголема истражна постапка. Самиот тој може да ни покаже дека таму има индиции и би можело да обрнеме повеќе внимание или не. Сепак, не е 100 процентна проценката дека од таа постапка може да кажеме дека се знаеме. Значи тоа е комплицирана постапка за која оној што ќе ја води треба да биде специјално подготвен за тоа, да има и теориска и практична обука и е многу важно долгогодишно искуство со такви испитувања. Нешто што е многу важно е и карактеристиката на неговата личност, дали тој ќе може одговорно, искрено и чесно да ја води сета таа постапка, вели Јовановска-Стојановска.

Таа смета дека употребата на полиграфот е прифатлива како превентивна мерка од корупција, но не како единствена мерка туку како дел од една покомплексна постапка во селекција на кадри за вработување на овие ризични позиции. Со полиграфирањето може да се утврдат склоностите кај една личност, начинот на размислување но потребни се, вели, и неколку други типа на постапки кои се различни, за да се добие целосен профил на личноста што се испитува.

-Физиолошките мерки се наша несвесна реакција која не можеме да ја контролираме, или луѓето кои се учат да ги контролираат можат, но само во определен временски период, затоа се битни тие разговори кои се водат. Затоа што ние не можеме долго време да останеме во таква ситуација кога тотално ќе го контролираме нашето тело, од чукањето на срцето, до потењето или дишењето. Доволна е една воздишка за да знаеме дека нешто се случува, не знаеме точно што, ама дека нешто има. Е сега тоа нешто што го има е предмет на натамошна истрага, потенцира психологот Јовановска-Стојановска.

Прашана дали оваа мерка може да заживее кај нас, со оглед дека тешко се прифаќаат новитети, а и постои сомневање од можна политичка инструментализација на процесот, таа нагласува дека сепак човечкиот фактор е многу важен во водењето на овие постапки.

-Можно е да има, затоа сомнежот секогаш, но не само кај нас туку секаде каде што се користи, посочува таа.

За тоа дали може целосно да се исклучат манипулации со примената на полиграфот, децидна е дека стопроценти од ништо не може да се исклучат манипулации.

-Манипулации има секогаш, но ако претпоставиме дека ќе има манипулации тоа не значи дека нешто не треба да се користи. За да се намали веројатноста од манипулации тие луѓе што ќе ги вршат испитувањата треба да имаат одреден статус во организацијата, и во државата, да бидат добро платени за да се намали веројатноста дека би биле подмитени. Значи да имаат солидни плати и помислата дека тоа може да го изгубат би била нивната внатрешна мотивација добро да си ја сработат работата. Затоа што тие се потпишуваат на извештајот што ќе го дадат за секоја личност и го даваат своето мислење за неа, вели психологот.

Таа при тоа по примерот со употребата на медикаментите, ја поддржува примената и на полиграфите и верува дека може да биде ефикасна.

-Значи ние не можеме и за најдобрите лекови на светот да кажеме дека се 100 проценти корисни само за доброто на луѓето, можни се нус појави. Така и за оваа постапка. Јас верувам дека подобро е нешто, особено, кога има луѓе кои се лиценцирани и добро обучени, кога ќе има утврдени прашања, стандардизирана постапка, стандардизирано интервју, кои мерки ќе се срповедат, отколку ништо, оценува д-р Мирјана Јовановска-Стојановска.

Правно неиздржана иницијатива

За правната наука и пракса постојат размислувања околу употребата на полиграфското тестирање, во однос на прашања поврзани со согласноста, потенцијални прекршувања на човековите права, но пред се во однос на доверливоста односно неиздржаноста на резултатите од полиграфот во доказни постапки.

Адвокатот Јанаки Митревски смета дека станува збор за супер спорен предлог. Ноторен е фактот, барем за нас што работиме во адвокатската фела дека полиграфот не е сигурен доказ, односно дека во кривична постапка не е дозволено да се користи како доказ. Го користи полицијата со согласност на осомничениот, меѓутоа и во тој случај, вели, тоа не може да се изведе како доказ во кривична постапка.

-Тоа не е случајно, тоа е така поради неговата несигурност, односно неможност со сигурност да се каже дали некој паѓа на полиграфски тест бидејќи лаже или бидејќи е вознемирен од самата ситуација да се наоѓа во полициска станица на испитување или дел од прашањата за него се вознемирувачки. И од тие причини не случајно, ова не се користи како доказ, потенцира Митревски.

Самиот предлог доколку некој падне на полиграфски тест, не само што треба да се отстрани од работа туку и да се извести јавниот обвинител е исто така многу спорен, смета адвокатот Митревски, затоа што ниту еден јавен обвинител нема да покрене постапка само врз основа на полиграфски тест.

-Тоа можеби би било индиција да се истражува и каде да се истражува, но никако да биде доказ во една постапка. И од тие причини не може да биде доказ, не може да биде причина за кривичен прогон, односно не може врз него да почива една кривична осудителна пресуда, а аналогно на тоа не може да биде и причина за отстранување од работа. Повторно ќе кажам, кој било експерт за полиграфи прашајте, во многу случаи, луѓе кои што не лажеле покажува дека лажат, дали поради самата стресна состојба, секоја индивидуа е различна и има различни карактеристики. Некои се поплашливи и тоа се рефлектира на тестот, а од друга страна кој било експерт ќе ви каже и дека поинтелигентни личности можат да научат и да го манипулираат полиграфот, односно да се доведеме во состојба да лажат, а поминуваат на полиграф. Затоа сметам дека трипати треба да се размисли за оваа несреќна и ступидна идеја, дециден е Митревски.

Во однос на широката примена на полиграфот во земји како САД, Сингапур, и други економски моќни и високоразвиени држави каде тој наоѓа примена и во економијата, односно во големи компании кога се поставуваат лица на високи раководни позиции или да се утврди нивна компромитираност, Митревски го поврзува со културните и контекстуални разлики. Така смета дека во однос на полиграфското тестирање, она што може да се смета за прифатлива пракса во една земја или организација може да  е контроверзно или неетичко во друга.

-Ние страдаме од тоа како се прават некои работи во Америка. Но не значи дека сето тоа е добро и применливо кај нас. И во Австрија се наплаќа данок за  дождовница по метар квадратен, зависно од тоа колкав ви е дворот, но тоа не значи дека  и кај нас тоа треба да се примени иако тоа би донело дополнителни средства во буџетот. И затоа сум алергичен на таков тип компарации. Секогаш ќе најдете вие некој пример каде нешто се применува, меѓутоа не можете да правите компарација помеѓу приватни корпорации и државни органи каде што се бара да се прави измена на закон за полиција, царина, Агенција за храна и ветеринарство итн. И затоа сметам дека не може да се прави таков тип на компарации, подвлекува адвокатот Митревски.

Според него, тоа не само што би било притисок врз вработените, туку тоа треба да се гледа во еден поширок контекст дека кај нас тоа, како што вели,  ќе се злоупотребува и во политички  цели.

-Не е тајна дека кај нас овие органи се партизирани и треба да се види и самиот предлог на закон – кој ќе одредува кој ќе се тестира, дали сите вработени или дел од вработените, итн затоа што тоа може да доведе до широк степен на злоупотреба и едноставно секоја нова власт ќе го користи полиграфот за да ги исчисти претходно вработените кадри од претходната партија на власт и да си донесе свои кадри, вели Митревски.

Како против аргумент на експертите полиграфери дека не е можно манипулирање со резултатите од полиграфот бидејќи неговата прецизност е 97 проценти, (а преостанатите 3 проценнти се оставени на толкувањето на полигарфскиот истражувач), Митревски вели „да беше толку висок тој процент и да е толку сигурен полиграфот, ќе се користеше како доказ во судски постапки“.

-Не случајно не се користи во судски постапки, Митревски.

Во земјава според постојните законски регулативи, со Закон е предвидено полиграфирање при вработувања во Агенцијата за разузнавање и периодичен преглед на директорот на АР. Кај Агенцијата за национална безбедност тоа е исто така  законски регулирано, но нема полиграфист и не се практикува.

Пракса е државите од безбедносен аспект да вложуваат во свои лиценцирани обучувачи за полиграфисти, за да се зачува доверливоста, што е особено важно во безбедносните служби кои избегнуваат странци.

Доколку оваа иницијатива биде усвоена на полиграф би поминале сите оние службеници кои работат на високо ризични работни места на граничните премини и граничната линија, а тоа се инспектори од АХВ, од Државниот инспекторат за земјоделство, Граничната полиција и царинските службеници, што согласно постојната систематизација, на годишно ниво ќе значи опфат на околу 1200 до 1300 лица.

Во моментов во државата има само четворица лиценцирани полиграфски истражувачи. Доколку државата и партиите го прифатат овој предлог покрај измени во релевантните закони, треба да биде започнат процес на обуки, на ново лиценцирање и на обезбедување најсовремени апарати што се оценува дека би било минимално вложување во однос на придобивките на државата по безбедноста на државата и особено во делот на економијата каде корупцијата е главен фактор за.сивата економија. Проценките се дека таа изнесува некаде милијарда до милијарда и двесте евра, пари кои се ненаплатени во буџетот.