Претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси, во Тајпеј рече дека определбата на Америка за зачувување на демократијата, во Тајван и во целиот свет, останува силна. Пелоси нагласи дека Тајван ја ужива поддршката на двете главни партии во американскиот Конгрес и ја поздрави демократијата на островот. Таа одржа говор во Парламентот на Тајван и повика на зголемена меѓупарламентарна соработка.

Advertisements

„Денес светот се соочува со избор помеѓу демократија и автократија. Му честитаме на Тајван што е едно од најслободните општества во светот“, изјави Ненси Пелоси, претседателка на Претставничкиот дом на САД.

Пелоси нагласи дека Вашингтон нема да се откаже од својата посветеност кон островот и покрај противењето на Кина. Имено, Пекинг го смета Тајван за своја територија и ја осуди посетата на Пелоси, велејќи дека таа сериозно ги загрозува мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец.

Иако Пелоси не рече дека Вашингтон воено ќе го брани Тајван, нагласи дека Конгресот е посветен на безбедноста на Тајван, за островот да може самиот да се брани.

Како одговор на посетата, Пекинг спроведе воени вежби околу островот и издаде серија остри изјави.

„Наспроти намерно зголемените воени закани, Тајван нема да отстапи. Ние цврсто ќе го поддржуваме суверенитетот на нашата нација и ќе продолжиме да ја држиме линијата на одбрана на демократијата“, нагласи Цаи Инг-вен, претседател на Тајван.

Пелоси е највисокиот американски функционер кој го посетил Тајван во последните 25 години. Таа отпатува во Тајпеј откако претходно беше во Малезија. /Алсат