По шеесет години од изградбата, објектот за подолг престој на Специјализираната болница-Нефрологија, Струга за прв пат ќе биде реновиран, а ќе биде обезбедена и опрема за кислородна поддршка на пациентите. 

 

Со поставување на соларни колектори и фотоволтаичен систем ќе се обезбеди енергетска ефикасност на објектот за подолг престој, за да може да се користи во текот на целата година, со што капацитетот се зголемува од 200 на 1000 пациенти годишно.

 

– Имајќи ги предвид придобивките за корисниците на овие медицински услуги, Министерството за локална самоуправа со поддршка на швајцарската Влада обезбедија средства во износ од 20,5 милиони денари. Установата учествува и со сопствени средства во износ од 3,6 милиони денари. Оваа Влада вложува во граѓаните, во подобрувањето на услугите и во условите за живеење. Граѓаните се тие кои што плаќаат даноци, а наша должност е тие пари да ги вратиме назад за она што навистина им е потребно, рече министерот за локална самоуправа Ристо Пенов.

 

Нефрологија-Струга е здравствена установа која што обезбедува услуги за жителите од регионот, но и од целата држава. Реновирањето на објектот за престој на пациентите за подолг период, обезбедувањето на медицинска опрема и обезбедувањето на поголема енергетска ефикасност  на објектот ќе ги подобри условите за лекување и за рехабилитација на пациентите. Вкупниот буџет на проектот е  24.134.166 денари, од кои 11.324.000 ги обезбедува Министерството за локална самоуправа, а 9.200.000 швајцарската Влада.

 

Проектот има за цел подобрување на условите за нега на пациентите, условите за работа на медицинскиот персонал, дигитализација во работењето, постигнување поголема енергетска ефикасност и развој на здравствениот туризам во југозападниот плански регион преку реконструкција на централниот објект и објектот за т.н. „холидеј“ дијализа на ЈЗУ Нефрологија Струга.

 

Во рамки се инвестира во централен систем за дистрибуција на кислород во три сали за хемодијализа и во три соби наменети за интензивна нега. Реконструкцијата на одделот за „холидеј дијализа“ има за цел да овозможи користење на објектот за „холидеј дијализа“, во текот на целата година, од страна на социјално ранливи категории на граѓани. 

 

Министерството за локална самоуправа со поддршка на швајцарската Влада, покрај овој, финансира уште шест проекти, меѓу кои и реконструкција на кардиологија Охрид, опремување на територијалната противпожарна служба во Куманово, Центар за згрижување на бездомни кучиња во Кавадарци, енергетска ефикасност на јавни објекти во Радовиш, реконструкција на домот за грижа на стари лица во Берово, центар за рехабилитација на деца со тешки болести во Кучково, за решавање на прашања за кои што граѓаните, во процес на консултација, ги предложиле како приоритетни во планскиот регион. 

 

Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.