ПО пет години принуден молк, Биг Бен – светски познатото ѕвоно со часовникот на кулата во Лондон – од недела повторно ќе се огласи, јавуваат агенциите. Големиот часовник издигнат над британскиот парламент ќе продолжи со својата секојдневна работа по напорната петгодишна реставрација на механизмот, кој има повеќе од 1.000 подвижни делови.

Биг Бен последен пат редовно ѕвонеше во 2017 година, а сега, по еднонеделно тестирање, би требало автоматски да почне да ја врши својата работа во недела во 11 часот. Тој момент ќе потсети на 11 ноември 1918 година, кога пушките замолкнаа во Првата светска војна. Велика Британија ја слави Неделата на сеќавањето секоја година во првата недела по Денот на примирјето.

Реставрацијата чинеше околу 90 милиони евра

Во последните пет години Биг Бен се уклучи само неколку пати: за Нова година и по повод Брегзит и погребот на кралицата Елизабета. Саат-кулата, градба висока 96 метри до зградата на парламентот во Вестминстер, била изградена во 1840-тите и била именувана кулата Елизабета во 2012 година во чест на дијамантскиот јубилеј на покојната кралица.

Околу 90 милиони евра чинеше петгодишната реставрација на механизмот на часовникот, која опфати чистење, бојадисување и подмачкување на сите подвижни и неподвижни делови. Механизмот, кој датира од 1859 година, тежи 11,5 тони.

Во кулата всушност има пет ѕвона, кои не биле поместени за време на реставрацијата. Најголемото ѕвонче Биг Бен ѕвони на секој полн час, додека останатите четири помали ѕвона ѕвонат на секои 15 минути.