По 57 дена штрајк со глад и 12 дена без течности, осудениот лидер на терористичката организација „17 Ноември“, Димитрис Куфодинас, е во критична состојба со акутна бубрежна инсуфициенција, а лекарите ги презеле сите неопходни чекори за да се задржи во живот, соопштуваат од болницата во градот Ламиа, јави дописничката на МИА од Атина.
Куфодинас веќе 18 дена е хоспитализиран на Одделот за интензивна нега, а од болницата велат дека поради континуираното одбивање на пациентот да прима храна и течности, што е причина за акутната бубрежна инсуфициенција, медицинскиот персонал, „целосно придржувајќи се до тековното законодавство и извршувајќи ја одлуката на Обвинителството, веднаш ги презеде потребните активности за враќање на поддршката на виталните функции, како и сите можни напори да се осигура неговото здравје, како што е налага медицинската етика и соодветното законодавство“.
Димитрис Куфодинас, кој е осуден на 11 доживотни затворски казни на 8 јануари почна штрајк со глад, а од крајот на февруари одбива да прима течности и бара да биде префрлен во атинскиот затвор, каде што и започна да ја издржува затворската казна.
Поддржувачите на неговите барања, меѓу кои и правници и адвокати во саботата одржаа собир пред грчкиот Парламент, а од понеделникот секој ден во 18 часот одржуваат мирни протести во центарот на Атина. (МИА)