Барселона во последните недели е во центарот на вниманието на фудбалската јавност поради обвинувањата дека плаќала судии, а по „случајот Негреира“ започна вистински „лов“ на Барселона од останатите клубови. За сето ова проговори и Џерард Пике, кој јасно кажа што мисли за обвинувањата на сметка на клубот.
Каталонците се обвинети дека плаќале за да имаат подобар статус кај судиите. Во овој момент сите шпански клубови, со исклучок на Реал, целосно им го свртеа грбот и бараат драконски казни.
„Никогаш во мојот живот не сум го сретнал господинот Негреира, ниту неговиот син. Подготвен сум да се заколнам пред суд, или пред секој што сакате, дека Барселона никогаш не подмитувала судии. Ако сакате да поткупите судија, многу е едноставно – контактирајте го, сретнете се со него на тајна локација и дајте му плик со пари. Зарем тоа не е полесно отколку наводно да одите преку потпретседателот на Судискиот комитет“, рече Пике.
„Без разлика каков хаос се обидуваат да направат, никој никогаш нема да може да го оцрни нашиот најдобар тим во историјата кој постигна неверојатни успеси. Сега сите се обидуваат гневот на навивачите на другите клубови да го насочат кон Барса. Ние играчите како одминува времето ги запознаваме судиите и знаеме какви се. Сепак, тренерите кои кога ќе дојдат во клубот не ги познаваат и затоа клубовите плаќаат судии советници“.
Тој се осврна и на фактот дека сите други клубови од Ла Лига издадоа соопштение на оваа тема барајќи казна за Барса. Последен што зборуваше беше Реал Мадрид, но Пике верува дека тоа го направиле против своја волја.
„Сите клубови, освен Реал Мадрид, се свртеа против Барселона. Разбирам дека на крајот и Реал го објави своето соопштение за медиумите, но тоа го направи под притисок на јавноста“, додаде тој.
На оваа тема вчера се огласи претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, кој јасно порача дека едвај чека да се соочи со сите оние кои се обидуваат да го нарушат угледот на каталонскиот клуб./Макfax/