Бугарскиот премиер Кирил Петков ја одржа првата средба со амбасадорите на земјите членки на Европската унија, на иницијатива на француската амбасадорка во Бугарија Флоренс Робин, чија земја претседава со ЕУ, соопшти владината прес-служба.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, меѓу темите на средбата биле борбата против корупцијата и реформата на бугарскиот правосуден систем, како и тензиите на границата меѓу Украина и Русија.

Бугарскиот премиер истакна дека мора да продолжат дипломатските напори за деескалација на тензиите. Во исто време, сепак, смета дека треба да постои подготвеност за развој на негативни сценарија.

Кирил Петков ги информираше дипломатите и за новата динамика на односите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија, за резултатите од последните состаноци и притоа рече дека се потпира на поддршката од европското семејство.