Од смртта на славната зајачица на „Плејбој“ и една од најубавите жени од 90-тите, Ана Никол Смит, на 8 февруари се навршија 14 години, а за да ја одбележи годишнината од смртта на својата мајка, нејзината ќерка Даниелин реши да истражи непознати детали за нејзиниот живот.

Даниелин денес има 14 години, а мајка си практично не ја ни запознала – имала само пет месеци кога Ана била пронајдена мртва во соба 607 во хотелот „Хард рок“ на Флорида. Како причина за смртта наведено е труење со комбинација на различни лекови.

Даниелин заедно со татко ѝ Лери ги посетила сите места што некогаш ѝ значеле на мајка ѝ, а сето тоа беше прикажано и во специјална телевизиска емисија на 5 февруари. Го посетила Мехеј, Тексас, каде што славната убавица го поминала детството, а била и во Лос Анџелес, каде првпат видела работи што ѝ припаѓале на нејзината мајка, а кои менаџментот ги зачувал по смртта на Ана.

Интригантен и трагичен живот

Животната приказна на Ана и денес предизвикува многу внимание – необична, полна со заплети и интриги, но истовремено и многу трагична. По тешкото детство, пропаднатиот брак во кој го добила синот Даниел и обидот да заработи за живот како келнерка и стриптизерка, таа се прославила во 1993 година кога се фотографирала гола за „Плејбој“. Америка полудела по русокосата со бујни гради – сите ја посакувале и зборувале за неа, а следувале и многу соработки со познати брендови. Паралелно со молскавичниот успех во шоу-бизнисот, Ана ја шокирала јавноста со бракот со милијардерот и нафтен магнат Џеј Хауард Маршал.

Profimedia

Тие се запознале две години претходно, додека таа сè уште била стриптизерка на која очајнички ѝ требале пари. Во текот на двегодишната афера тој ја опсипувал со скапи подароци, а неколкупати и ја запросувал, на што таа конечно се согласила во 1994 година. Во тој момент таа имала 26, а тој 89 години! Само 14 месеци подоцна, милијардерот починал од пневмонија, но и покрај тоа што не штедел на неа додека бил жив, не ја вклучил во тестаментот. Ана почнала судска битка со наследниците, но продолжила со бурниот живот – забави, опивање, дрогирање и менување мажи.

Кој ѝ е татко на Даниелин?

Особено внимание предизвикала нејзината втора бременост – никој не знаел кој е, всушност, таткото. Во изводот на родени на нејзината ќерка како татко е запишан Хауард К. Стерн, нејзин адвокат со кого била во тајна врска. Ана ја родила ќерката на 7 септември 2006 година, а три дена подоцна доживеала страшен удар. Нејзиниот син Даниел починал од смртоносна комбинација на опијати. Таа во меѓувреме се омажила со Стерн. Веќе во февруари 2007 година Ана била пронајдена мртва.
По смртта на Ана почнала мачната трка за татковство на Даниелин. Се покажало дека покрај Стерн, уште некои мажи се сомневале дека би можеле да му бидат татковци на девојчето. Фотографот Лери тврдел дека тој е биолошкиот татко на бебето, но и телохранителот Александер Денк. Сестрата на Ана рекла дека таа замрзнала сперма од починатиот сопруг и дека детето е негово. Последниот сопруг на Заза Габор, Фредерик Принц вон Анхалат, тврдел дека тој и Ана биле 10 години во тајна врска и дека девојчето можеби е негово. На крајот, судот наложил да се направи ДНК-тест, со кој јасно било утврдено дека татко на девојчето е Лери Биркхед.

Profimedia