Кандидатот за претседател Стево Пендаровски на вечерашната прес-конференција порача дека по првиот круг се уште ништо не е одлучено и дека конечниот победник ќе се знае на 8 мај. Иако, како што кажа, резултатот е далеку од очекуваниот, од утре продолжува со средби со граѓаните, за да го промовира концептот во кој верува, а тоа е напредна, демократска, просперитена и европска Македонија.

„Од утре е нов ден, се разбира дека веќе од утре почнуваме со средби со граѓани кои ги практикувавме и досега. И тргаме практично од нула. Знаете, дека имаше седум кандидати како никогаш досега и веројатно тоа беше една од причините зошто гласовите се поделија на повеќе страни. И веројатно некој од кандидатите кои отпаднаа во првиот круг земаа дел од она што беше претпоставен електорат на првите два кандидати кои продолжуваат понатаму. Меѓутоа, повторувам, тргнувам од нула, тргнуваме од почеток. Од утре продолжуваме со средби со граѓаните и мојата задача ќе биде како и во изминативе 20 денови да го промовирам концептот во кој длабоко верувам. Тој концепт на држава која не е изолирана, држава која е интегрирана во Европа и држава која внатре нема поделби по било која основа, е моето животно кредо, мојата политичка филозофија која ја застапувам не само овие 20 дена во кампањата, и не само овие пет години во претседателскиот мандат, туку откако паметам за себе“ порача Пендаровски.

Тој ги охрабри граѓаните, на 8 мај уште помасовно да го поддржат неговиот концепт кој меѓу другото е концепт на обединување, без поделби на граѓаните по ниту една основа.

Кандидатот за претседател од утре продолжува со средбите со граѓани, како што тоа го правеше и во претходниот петгодишен период.