Пејачот од британската група „The Wanted“, Том Паркер (32) се огласи на социјалната мрежа Инстаграм и сподели фотографија направена само два дена пред да ја добие дијагнозата за агресивниот вид на рак на мозок.
Заблагодарувајќи се на неговата сопруга Келси Хардвик и нивното семејство за поддршката што му ја даваат во овие тешки моменти, Том напиша дека тешко ја поднел потресната вест.
„Реалност: Два дена откако е направена оваа фотографија, ми рекоа дека имам тумор на мозокот во четврта фаза. Тоа го сврте мојот свет наопаку“, напиша пејачот.
„Јас навистина не се сеќавам на деновите кога ми соопштија. Живеев во магла. Но, поминав многу за толку краток временски период. Ви благодарам на сите за вашата љубов и поддршка во последните неколку месеци“, напиша Том.
Паркер се заблагодари на неговите пријатели и семејството кои постојано му помагале со децата и куќата, секогаш кога било потребно.
Том ја нарече својата сопруга „воин“, пофалувајќи ја за грижата за нивните деца, ќерката Аурелија Роуз која е само 18 месеци и синот Боди, два месеци.
„Ѝ благодарам на мојата сопруга која успеа да се справи со солзите, грижејќи се за нашите деца… Таа е вистински воин“, напиша Том.
„Ветувам дека ќе ве информирам како ќе напредуваат работите во следните неколку месеци. И се надевам на фантастична 2021 година“, додаде пејачот.