Во Собранието се уште нема најава за одржување на пленарна седница, а владејачките партии и опозицијата продолжуваат меѓусебно да се обвинуваат за одолговлекувањето на носењето на антикризните мерки за Ковид-19.

а денеска во Собранието нема закажано ниту една активност, а утре претседателот на Собранието има редовен месечен брифинг со новинарите, ќе се одржи седница за поставување пратенички прашања, а најавен е и виртуелно 18. Состанок на мешовитиот комитет Северна Македонија -ЕУ.

И покрај декларативните изјави дека мерките треба да се донесат и да се продолжи кризната состојба, ниту една од партиите не отстапи од својот став. Претседателот на Собранието Талат Џафери на неопределено ја одложи 36. седница на која на дневен ред се законите за мерките за Ковид-19, но и продолжувањето на кризната состојба и интерпелациите поднесени од опозицијата, а Владата ги повика пратениците кои ја блокираат работата на Собранието да се повлечат од „тој деструктивен начин на дејствување“.

Владејачката СДСМ ги обвини сите опозициски партии во Собранието дека прават се за да се блокираат процесите важни за граѓаните и за иднината на државата.

Од друга страна ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека мнозинството не закажува седница поради тоа што буџетот е празен, а коалицијата Алијанса/Алтернатива ќе продолжи да ги блокира сите закони, се додека, како што велат, не се најде заеднички јазик за нивниот предлог закон за државјанство.