МАГНЕЗИУМОТ е еден од најважните минерали присутни во нашето тело. Исклучително е важен за одржување на физиолошката и метаболичката рамнотежа бидејќи учествува во обезбедувањето на многу потребната енергија за нашите клетки, неопходна за правилно функционирање и здравје на нервниот систем.

Исто така, магнезиумот е важен за невромускулна трансмисија и минерализација на коските, одговорен е за активноста на калциумовите канали, го регулира срцевиот ритам и мускулната контракција, ги штити нервите, го одржува здравото функционирање на простатата и ја регулира функцијата на тироидната жлезда. Токму затоа, предупредуваат лекарите, многу е важно тоа да не му недостига на телото.

Според Women’s Health, недостатокот на магнезиум најчесто се јавува поради неправилна исхрана, прекумерно консумирање алкохол, кафе и големо внесување на рафиниран шеќер. Симптомите кои укажуваат на тоа дека може да недостасува се губење на апетит, гадење, повраќање, замор и чувство на слабост, кои се исто така некои од најраните знаци.

Доколку навреме не се забележи недостаток на магнезиум, може да се појават посериозни симптоми како грчеви во мускулите, епилептични напади и неправилно чукање на срцето.

„Магнезиумот е есенцијален микронутриент, што значи дека мора да го консумираме во релативно мали количини преку храна или додатоци. Ако го немаме доволно, нашето тело едноставно нема да функционира правилно, што може сериозно да влијае на нашето здравје“, објаснува д-р Скот Китли.

Покрај земање суплементи, храна која содржи магнезиум и треба да се консумира што почесто се јаткастите плодови, какаото, семките, интегралните житарки, тофуто, авокадото, некои видови масни риби и лиснатиот зелен зеленчук.