По 40 години Струмица доби нова градинка со капацитет за згрижување над 300 деца од предучилишна возраст. Градинката „Виножито“ е модерен објект со услови за сместување на децата по најнови стандарди. Вредноста на објектот е 108.610.000 денари во најголем дел од МТСП, преку Проектот за унапредување на социјални услуги на Светска банка, а Општина Струмица обезбеди свои средства во износ од 17. 500 000 денари.

На отворањето на градинката се обрати премиерот Димитар Ковачевски кој истакна дека за едно семејство е голем проблем добро да функционира ако нема градинка за нивното дете и затоа фокусот на оваа Влада е изградба на градинки и рамномерно да бидат опфатени сите градови.

– Струмица денеска добива ново катче за најмалите. Градинката „Виножито“ е најголема во Струмица и единствена со капацитет од 17 воспитни групи каде ќе се згрижат над 300 деца. Како Влада придонесуваме за убаво, безгрижно и среќно растење на децата и посветено работиме на долгорочно инвестирање во децата. Нашата цел е за децата да обезбедиме подобро образование, но и да ја подигнеме стапката на вклученост на најмалите во предучилишно образование, рече Ковачевски.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска истакна дека Владата и МТСП вложуваат во предучилишно образование, како суштински предуслов за квалитетен ран детски развој каде децата, како што рече, ќе може безгрижно да растат и да учат преку игра.

– Отворањето на градинка „Виножито“ е важна капитална инвестиција за Општина Струмица и за нејзините граѓани. Со оваа модерна, енергетски ефикасна градинка, го решаваме прашањето за згрижување на децата во Општина Струмица. Оваа градинка е најголема не само во Општината, туку и на територија на целата држава, со капацитет за згрижување 307 деца, рече Тренчевска.

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов истакна дека во Општината никнуваат нови станбени населби и затоа се потребни нови капацитети за потребите на граѓаните, а предноста ја имаат најмалите жители. Со новиот објект им излегуваат во пресрет на младите семејства во тој дел на градот.

– Нашиот град добива нова градинка по цели 40 години… Заедно со МТСП и со другите институции завршивме еден огромен капитален проект и затворивме горливо прашање за децата и родителите во Струмица. Заедно со проширувањето на неколку градинки во Општината, со новата градинка го решаваме прашањето за сместување на децата од предучилишна возраст. Градот добива модерен објект за децата, со најнови стандарди за згрижување, како што наликуваат градинките од најразвиените европски и светски земји. Градинката ќе биде уште поубава наскоро со детскиот џагор во неа, рече Костадинов на отворањето на градинката.

Претставничка на Канцеларија на Светската банка во земјава, Бојана Нацева, истакна дека Проектот за унапредување на социјални услуги воспоставува квалитетен систем на социјални услуги на општинско ниво и придонесува кон заедничката заложба за зголемување на капацитетите за сеопфатно и квалитетно учење и грижа од раното детство.

– МТСП и Владата ги согледаа придобивките од инвестирање во интервенции кои придонесуваат за холистички развој на најмалите и се силно посветени на идејата дека раното детство е критичен период за развој. Светската банка е посветен партнер на Северна Македонија во градењето продуктивен човечки капитал за заеднички да изградиме подобри услови за развој на децата кои, пак, ќе бидат носители на развојот на општината, но и на целата држава, додаде претставничката на Светската банка.