Полскиот оператор на нафтоводот ПЕРН соопшти дека вчера вечерта открил истекување во една од двете линии од нафтоводот Дружба со кој се пренесува нафта од Русија во Европа.
Од ПЕРН соопштуваат дека причината за истекувањето засега е непозната и дека е откриено во дел од цевката на околу 70 километри од полскиот град Плоцк.
„Вториот цевковод и другите елементи од инфраструктурата работат нормално“, велат од ПЕРН.
Од таму додаваат дека во моментов сите служби, технички, оперативни, внатрешни противпожарни бригади и заштита на животната средина, преземаат мерки предвидени за ваков тип на состојби.
Дружба е еден од најголемите цевководни системи во светот и служи како најголема рута за снабдување со нафта од Русија и Казахстан до точките во Украина, Белорусија, Полска, Унгарија, Словачка, Чешка, Австрија и Германија.