Оставката на премиерот Зоран Заев, која ја најави на 31 минатиот месец не е доставена до Собранието. Поради тоа попладнево ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Алијанса/Алтернатива, БЕСА и Левица доставија иницијатива за гласање доверба на Владата. Веднаш потоа на Фејсбук се огласи Заев.

-За пуста желба за власт биле спремни државата да ја носат низбрдо, а народот да страда. Овие денови сведочиме загрозување на Договорот од Преспа, на Договорот за добрососедство со Бугарија, на Охридскиот рамковен договор, на заедничкото едно и еднакво општество, на мирот на граѓаните внатре и на добрите односи со соседите. Но, има оваа држава свој народ, и граѓани, и демократи, и борци, и политичари и партии кои нема да дозволат Мицкоски, Апасиев и Груевски да ја заробат и упропастат државата одново. Нашата кауза е и граѓанска и државничка. Знам дека позади таа кауза како бедем гордо стојат мнозинство од нашите граѓани и мнозинство од нашите пратеници. Демократијата, слободата, солидарноста и заедништвото се нашите вредности, пишува Заев.

Откако е поднесена иницијатива за гласање доверба, првиот човек на Собранието, Талат Џафери има законски рок, според Деловникот, да закаже седница во рок од три дена.