Теоретичарот на заговори Алекс Џонс мора да плати отштета од 965 милиони долари затоа што лажел дека масовното пукање во основното училиште „Сенди Хук“ било исценирано, одлучи судската порота во Конектикат. Ова е втора голема пресуда против водителот на „Инфоворс“ за промовирање лаги дека масакрот во 2012 година не се случил.

Сведочејќи на судењето, Џонс призна дека згрешил за пукањето во училиштето „Сенди Хук“.

„Пукањето се случи“, рече тој.

Во масовното пукање во училиштето „Сенди Хук“ загинаа 12 деца и 6 возрасни. Судењето се одржа во судницата во Вотербери, на околу 20 милји од Њутн, каде што се случи масакрот.

Во тужбата беше обвинета матичната фирма на Џонс, „Фри спич системс“, дека ги користела масовните убиства за да ја изгради својата публика и да заработи милиони долари.

Во своето сведочење Џонс се обиде да се огради од теориите на заговор, им се извини на родителите и призна дека настанисте во „Сенди Хук“ се „100-проценто реално“.

Џонс со години тврдеше дека масакрот бил исцениран владин заговор за да им се одземе оружјето на Американците и дека никој всушност не бил убиен. Родителите на жртвите ги нарекуваше актери и тврдеше дека некои од нив не ни постојат.

Тој беше тужен за клевета од семејствата на осум жртви и од агент на ФБИ кој одговорил на нападот, при што бараа 550 милиони долари. Тие го обвинија крајнодесничарскиот радиоводител дека неговите дезинформации резултирале со долгогодишни вознемирувања и смртни закани.