Претседателскиот кандидат на ДУИ Бујар Османи денеска најави дека ако ја добие довербата од граѓаните, најпрво ќе ги седне на заедничка маса сите политички партии за да постигнат државен консензус околу членството во ЕУ. Земјава, нагласи Османи, нема друга алтернатива, освен да ги донесе уставните измени веднаш по изборите, пред формирањето влада. Железната врата на Унијата сега е отворена и тоа, потенцира, мора да се искористи.

Османи на прес-конференција истакна дека според атмосферата во политичките партии, нема да има формирање влада без договор за уставните измени.

Тој е дециден дека за ова нема билатерален договор, туку, како што рече, повеќето партии кои се сега во различни блокови имаат потпишано документ со кој се обврзуваат дека нема да бидат дел од влада без јасен договор за уставни измени.

-Затоа сум убеден дека прво ќе има договор, односно уставни измени, а потоа ќе има влада. Јас, тој период, како претседател, ќе го користам за постигнување надпартиски, државен консензус во однос на овие прашања. Од атмосферата што ја гледам во политичките партии, нема да има формирање влада без договор за уставни измени во 2024 година и отворање на поглавјето. Првата работа што ќе ја направам како претседател, ќе биде да ги свикам лидерите на политичките партии и главните чинители во државата на состанок што ќе трае колку и да треба, со денови и недели, но нема да излегуваме од тој состанок додека не си подадеме рака еден на друг, додека не постигнеме надпартиски државен консезус дека ЕУ е без алтернатива и дека ќе продолжиме да се натпреваруваме по однос на сите теми и прашања, но не и по однос на ЕУ, бидејќи директивите и регулативите на ЕУ се фиксни – или ги прифаќате или ги одбивате. Мислам дека имаме консензус дека ги прифаќаме, тогаш чуму разлики по однос на процесот на ЕУ, пдвлече Османи.

Тоа, посочи, ќе ми биде прва задача – да го креирам државниот консензус за отворање на поглавјето во 2024 година, државен консензус и подавање рака на политичките партии дека за четири години земјава ќе го затвориме европскиот процес.

Политичките прашања во однос на ЕУ, оцени Османи, се завршени. Овие избори, додаде, се референдум за ЕУ, бидејќи земјата е на крстопат меѓу два правца – богата и перспективна иднина или изолација, конфликтност и бесперспективност.

-Преговарачката рамка е затворена, нема веќе отворање. Секој што ветува дека ќе репреговара или не го разбира процесот или ги манипулира граѓаните, нема трето. Преговарачката рамка јасно ги има дефинирано сите аспекти, сега ни треба само политички консензус, да си подадеме рака дека овој процес го затвораме во наредните четири години. Немаме друга пречка и затоа велам, сега е шансата, рече претседателксиот кандидат.

Земјава, укажа, ја очекува уште половина пат работа до ЕУ и тоа може да го направи за четири години.

-Процесот на интеграција во ЕУ колку е меритократски, толку е и геополитички. Железната европска врата се отвора во одредени геополитичи моменти и ги прифаќа само тие што се подготвени. Се отвори во 2004 година за над десет земји кои станаа членки и потоа се затвопри. Се отвори малку во 2007 и потоа се затвори. Вратата е отворена и сега поради руската агресија во Украина, ќе трае привремено и ќе се затвори повторно. Првите знаци дека таа железна врата е отворена е  почетокот на преговорите за Северна Македонија и Албанија, планот за раст за Западен Балкан договорен на две милијардуи евра и четири милијарди грант. Ние немаме алтернатива освен уставни измени веднаш по изборите пред формирање влада, отворање на поглавјата и затворање до 2028 година. Веќе сме стигнати до 50 отсто од европското аки и тоа е дел од нашето. Не очекува уште половина пат работа. Тоа можеме да го нарпавиме за четири години зашто покажавме во текот на скринингот дека имаме капацитет. Ни треба само државниот консензус. Консензусот може да го постигне авторитет како претседателот на државата и потоа оставам една до две години ратификција на договорот за членство во парламентите на ЕУ и седнување на маса рамноправни со сите земји – членки до 2030 година, а во меѓувреме промоција на нашиот проект „Повеќе интеграција прд членство“, рече Османи.

На новинарско прашање дали може да се очекува вето од Грција ако новоизбраниот премиер не го користи уставното име во официјална комуникација, Османи одговори дека тоа ќе значи кршење на Уставот. -Не, тоа ќе значи кршење на Уставот. Тоа е исто како да ги кршите законите и Уставот по однос на кое било прашање. Новото ииме е уставно име на Северна Македонија и никој не смее да биде над и против Уставот и законите, потенцира Османи.

Тој најави дека во текот на наредните денови ќе го презентира следното ветување – борбата против корупцијата и криминалот.

-Едно од првите прашања, покрај постигнување државен консензус за ЕУ, е формирање меѓународен борд сочинет од НАТО, ЕУ и САД, заедно со нашите институции кои ќе ги пресертифицираат носителите на јавни функции по однос на две работи: дали имаат врска со рускиот интерес и дали се инвловирани во која било форма на коруцпија, рече Османи.

На прашањето зошто смета дека токму тој ќе реализира постигнување политички консензус околу членството во ЕУ, Османи се повика на своето досегашно искуство, компетентност и авторитет.

Пред прес-конференцијата, Османи одржа средба со академската заедница и невладините организации кои се инволвирани во евроинтеграцискиот процес. И пред нив го претстави првото ветување од неговата програма „Декалог на европскиот претседател“. Повтори дека програмата содржи десет ветувања и дека базира на три столба: претседателот како компас на геостратешката ориентација, претедателот како сврзно ткиво на етничките и политичките наративи и претседателот како креатор на државниот консензус. Сите овие точки, потсети, се поврзуваат со првото ветување – ЕУ 2030 година.