Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи се сретнал со специјалниот пратеник на британскиот премиер за Западен Балкан, Лорд Стјуарт Пич, соопштија денеска од МНР.

Во фокусот на разговорите биле билатералните односи меѓу двете земји и можностите за интензивирање на меѓусебната соработка во сферата на безбедноста, со цел справување со актуелните предизвици.

– Високо ја цениме долгорочната британска проектна поддршка во реализирањето на реформите во различни области од клучно значење за евроинтеграцискиот процес на земјата, а секако треба да се разгледаат и можностите за унапредување на соработката во областа на безбедноста, истакнал Османи, стои во соопштението.

Во врска со четиригодишнината од членството на Северна Македонија во НАТО, како што се додава во соопштението, бил нагласен видливиот придонес на Северна Македонија во Алијансата преку подигнување на безбедноста на Јужното крило и позитивниот одраз на нашето членство врз стабилноста на регионот и воопшто на европскиот континент.