Извештајот на француско – германската група експерти во кој меѓу другото се препорачува пред следното проширување, ЕУ да премине на одлучување со квалификувано мнозинство во што е можно повеќе области и да спроведе бројни реформи на повеќе нивоа, како и да се посвети на целта да биде подготвена да прими нови членки до 2030 година, се совпаѓа со поставената цел на Северна Македонија да стане полноправна членка на Унијата до 2030 година.

Извештајот насловен „Пловење по отворено море: Реформирање и проширување на ЕУ за 21. век“, е изработен по неколкумесечна анализа од работна група составена од 12 експерти формирана од владите на Франција и Германија, „локомотивите“ на Унијата, и треба да ја добие поддршката од земјите членки.

Во извештајот на групата експерти се предлага за затворање на преговарачките поглавја во процесот на пристапување во ЕУ во иднина да се одлучува со квалификувано мнозинство со цел да се поедностави самиот процес на преговори, но за конечната ратификација на пристапниот договор се уште да биде потребен консензус на сите земји членки.

Во делот на проширувањето, во извештајот се посочува дека тој процес веќе е реструктуиран со организација на преговарачкиот процес во шест кластери и можност земјите кандидатки постепено да бидат вклучувани во конкретни политики и програми на ЕУ.

-За да си го поврати кредибилитетот, ЕУ треба да си постави цел да биде подготвена за проширување до 2030 година, а кандидатите за членство треба да работат на исполнување на критериумите за зачленување во ЕУ до овој најран датум за прием. Оваа взаемна посветеност би ја зголемила довербата во процесот на пристапување, кој е поткопан од недостигот на посветеност и напредок во изминатите неколку години. Тоа јасно покажува дека нема слободен влез во ЕУ и дека временската рамка е цел, а не одреден датум, се вели во Извештајот.

Четири земји во Западен Балкан се официјално кандидати за членство, но, дремат со години во собата за чекање на ЕУ: Северна Македонија (2005), Црна Гора (2010), Србија (2012), Албанија (2014)

Советот на амбасадори го поздрави извештајот, особено заложбата 2030 година да се определи како јасна и цврста временска координата за следното проширување на Европската Унија, како и препораката дадена до Европската Комисија навреме да ја усогласи постапката за пристап кон проширувањето.

– Воедно, сметаме дека овие оптимистички препораки од групата на експерти и постојаните декларации од високи и највисоки претставници на Европската Унија и на нејзините земји – членки да се преточат во одлука на највисоките тела на ЕУ, со јасни обврски за земјите – кандидати, но и за самата ЕУ. Советот на амбасадори особено ги цени препораките, единствено самиот прием да биде врзан со едногласност на сите земји – членки, а во текот на процесот на проширување да се одлучува со „квалификувано мнозинство“, и ЕУ да преферира проширување „втемелено на заслуги“, концепт, кој што дури шестпати се наведува во самиот Извештај, се вели во соопштението од Советот на амбасадори.

Советот на амбасадори, како што се наведува, се залага за отворена, продлабочена и проширена дебата во домашната јавност по сите изложени точки од Извештајот на француско – германската работна група на експерти за реформа на ЕУ.

Вториот човек во француското Министерство за надворешни работи, Оливие Бешт, уверува дека ставот на Франција и на францускиот претседател Емануел Макрон е дека сакаат да го прошират европското семејство и сакаат Северна Македонија да биде членка на ЕУ. Во интервју за „360 степени“, тој вели дека вистинското прашање што денеска се поставува не е дали сакааат да се прошири Унијата, ниту кога, туку како да се постигне тоа и нагласува дека Северна Македонија е добредојдена, колку побрзо, толку подобро.

– Треба да се направат уште неколку напори, особено и другите држави членки, а ние како ЕУ денес ќе треба да ја продолжиме нашата внатрешна реформа, а тоа значи продлабочување на заедницата за таа Унија да може да функционира не со 27, туку со 35 или повеќе земји, вели Бешт.

Ставот на Франција и на францускиот претседател Емануел Макрон е дека сакаме да го прошириме европското семејство и сакаме Северна Македонија да биде членка на ЕУ, вели вториот човек во франц

Во однос на уставните измени, Бешт верува дека македонското Собрание ќе успее да ја надмине блокадата и повторно да се најде на интегративниот пат кој, како што вели „сакаме да се случи колку што е можно побрзо“.

-Францускиот предлог, кој ние го доставивме за време на француското претседателство со ЕУ во 2022 година, беше придружен со големи предности и заслуги. Прво, деблокирање на состојбата закочена поради фактот што други држави членки на ЕУ ја блокираа и да му се овозможи на македонскиот народ повторно да се најде на интегративниот пат. Второ, навистина беше овозможено признавање на македонскиот јазик. Денес ова решение овозможува повторно обновување на интегративниот процес – знам дека состојбата е тешка дури и во македонското Собрание, но она што треба да го разбереме е дека денес овој процес на приклучување кон ЕУ не зависи од блокадата на други држави членки на ЕУ, туку зависи од македонското Собрание, изјави Бешт.

Пратеничката Мариане Бигум од данскиот Фолкетингет, од Зелено левата партија, во видео интервју за МИА, порачува дека сакаат да ја видат Северна Македонија во ЕУ и подготвени се да ја помогнат нејзината евроинтеграција.

– Навистина сакаме да станете членка, да ни се придружите во Европската унија и тука сме да ви помогнеме на секој чекор од патот, и работиме на тоа. Но и дека не сте сами, и дека ве слушаме и ја гледаме фрустрацијата. Навистина ми е жал дека ова е толку долг процес, се согласувам и ја разбирам фрустрацијата, вели Бигум во интервјуто за МИА.

Сакаме да ни се придружите. Навистина сакаме да станете членка, да ни се придружите во Европската унија и тука сме да ви помогнеме на секој чекор од патот, и работиме на тоа. Но и дека не сте

Пратеничката Бигум, исто така, вели дека во однос на евроинтеграциите тие засега се фокусирани кон исполнување на Копенхашките критериум и оти немаат разговарано за потребата од институционални реформи во ЕУ, или нови недоречености во законите, или други нови нешта.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, пак, од Њујорк каде претстојува како дел од владината делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски ја пренесе пораката дека нашите стратешки партнери дејствуваат за напредок на Северна Македонија кон ЕУ и очекуваат да ја исполниме европската агенда, за задржување на динамиката и активноста на пристапните преговори со ЕУ.

-Пораките беа јасни и недвосмислени, сите заедно треба да покажеме дека сакаме и имаме капацитет да ја исполниме нашата стратешка цел, а Соединетите Амерински Држави ќе бидат гласен поддржувач на нашата ЕУ интеграција. За уставните измени и целиот процес на преговори клучен останува политичкиот дијалог, волјата и одговорноста на сите од кои зависи извесноста на нашата европската перспектива, истакна Маричиќ во изјава дадена по средбите со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и други прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, со Јури Ким, заменик помошник државен секретар за Европа и Евроазија, со Џим O’Брајан, раководител на канцеларијата за координација на санкции при американскиот Стејт Департмент и со американскиот специјален претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар.

Министерот за правда Бојан Маричиќ денеска изјави дека париите се блиску до договор за имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР во Изборниот законик, но оти сепак останува потешкиот дел, а

Маричиќ посочи дека забрзано се работи на конкретните чекори за доближување на регионот до реално членство во ЕУ и дека во следните недели го очекуваат новиот план за раст за Западен Балкан, кој, како што вели, преку забрзување на фундаменталните реформи не само што ќе се забрза процесот на пристапување, туку и ќе се поттикне економскиот раст.

-ЕУ има план со кој ги отвора вратите за забрзано членство, од нас партнерите очекуваат да ја искористиме шансата и да не останеме пред вратата, туку да сме идна држава членка на ЕУ, порача Маричиќ.

Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, вчера уште еднаш повтори дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата останува на заедничкиот и принципиелен став дека уставни измени под бугарски диктат нема да има.

Скопје, 3 јуни 2023

-Нема да се случат уставните измени. Ниту еден пратеник од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа и тоа се виде на седницата на 18 август, кога 44 пратеници гласаа против дневниот ред. Тоа јасно покажува дека немаат двотретинско мнозинство, затоа што ако беа сигурни дека имаат макар и еден, тие ќе одеа до крај на таа собраниска седница, претпоставувам ќе пропаднеше и после тоа хорски ќе бараа оставка на Христијан Мицкоски. И Мицкоски е проблем, затоа што тој не се договара со политички криминалци и разно разни кланови, ниту за политички амнестии, ниту за политички криминали, ниту за тендери затоа што имаме принципиелен став, истакна вечерва Мицкоски во интервју за телевизија „Алсат М“.