Претставници на Секторот за јавни дејности-Одделение за образование при Општина Тетово денес одржаа прес-конференција на која посочија за проблемот со недостиг на учебници во општинските училишта. Според раководителот на sекторот, Назми Даути, фалат на 45.000 книги во тетовските училишта.
– Фалат над 35 илјади учебници од прво до деветто одделение во основните училишта и над 10 илјади книги во средните училишта, пред сè во средните стручни училишта. Учениците се соочуваат со невидени тешкотии за учење и развивање на нивните основни вештини, додека МОН се чини дека сè уште е во сон.Овој изразен недостиг на учебници е очигледен неуспех на Министерството за образование да ги исполни ветувањата за образованието. Учениците се лишени од основен ресурс за учење, принудени да се потпираат на рачно напишани белешки и ограничени материјали. Ова не е само неуспех кон учениците од Тетово, туку е целосен неуспех кон иднината на Северна Македонија, рече Даути.
Toj ја критикуваше работа на Министерството за образование и наука за овој проблем.
-Министерството за образование и наука, кое во своето највисоко раководство има двајца Албанци (министерот и заменик министерот), е одговорно за ова. За жал, се чини дека грижата за учениците и образованието воопшто не успеа. Министерството за образование и наука треба да се засрами за својот неуспешен начин да им ги обезбеди ветените учебници на учениците од Тетово. Состојбата со недостиг на учебници во оваа општина е јасен одраз на негрижата и одговорноста на ова министерство кон образованието и иднината на младите генерации, истакна Назми Даути.
Тој рече дека Општина Тетово е решена да го заштити правото на учениците за квалитетно образование и ќе продолжи да повикува на помош и поддршка од донаторите и другите владини и меѓународни институции.
-Време е зборовите да се заменат со дела и да се обезбеди еднакво и квалитетно образование за сите ученици. Срамно е да се види дека Министерството за образование, институција која треба да се грижи за образованието и развојот на младите генерации, е во состојба да ги игнорира потребите на училиштата и учениците. Не е време за убави зборови и празни ветувања, туку за конкретни дела. МОН мора да ја преземе одговорноста за овој голем неуспех и веднаш да интервенира за да ги обезбеди потребните учебници за учениците од Тетово, истакна раководителот на Секторот за јавни дејности.
На крајот од излагањето рече дека ќе побара Министерството за образование и наука да одговори на овој повик и да даде јасно објаснување зошто толку долго се дозволува овој проблем да трае.