Нов референдум за независност на Шкотска треба да се спроведува еднаш во генерација, изјави британскиот премиер Борис Џонсон, откако шкотската лидерка ги обнови повиците за ново гласање по Брегзит.
– Референдумите според моето искуство, моето директно искуство, во оваа земја не се особено среќни настани. Тие немаат посебна обединувачка сила за националното чувство, треба да се одржуваат само еднаш во генерација, истакна британскиот премиер за Би Би Си.
Шкотска гласаше да остане дел од Обединетото Кралство во 2014 година. Во тоа време, лидерката на Шкотската национална партија, Никола Старџен го нарече гласање на една генерација, но сега тврди дека заминувањето на Велика Британија од Европската унија, на што се спротивставуваат повеќето Шкотланѓани, „ја менува играта”.
Неодамнешните анкети на јавното мислење покажаа постојана поддршка за независноста.
– Премногу долго владите на Велика Британија ја носат Шкотска во погрешна насока, завршувајќи со Брегзит. Не е ни чудо што на многу луѓе во Шкотска им е преку глава. Не сакавме да заминеме и се надеваме дека наскоро ќе ви се придружиме како рамноправен партнер, напиша вчера Старџен на веб-страницата на нејзината партија.
Џонсон отфрли одржување на ново гласање, но Старџен најверојатно ќе побара мандат и ќе направи притисок врз британскиот премиер доколку нејзината партија постигне успех на претстојните локални избори.