Репрезентацијата на Македонија со четири победи на четири натпревари е лидер во претквалификациите за Европското првенство, кое ќе се игра во 2025 година, ама и покрај перфектниот старт, селекторот Александар Јончевски вели дека работата не е завршена.
„После една серија од порази во оние светски квалификации, нормално е дека никој, па ни самите играчи не очекуваа да ги започнеме квалификациите со четири победи. Оној пријателски натпревар со Црна Гора ни беше мерило како да им пристапиме на овие натпревари. Норвешка ја спуштивме на, за мене, неверојатни 36 поени, селекција која претходно постигнуваше по 90 и плус поени. Не би сакал да кажам дека сме на половина пат бидејќи и Словачка со победата во Норвешка сега останува во игра. Ќе мора да победиме барем на уште еден од двата натпревари кои ни преостанаа. Наше е да се надеваме, и да одиме на победа“ – потенцираше македонскиот селектор.
Македонија покрај двете победи над Данска и Норвешка во Гевгелија, славеше и над Словачка во Скопје.