Генералното собрание на Обединетите нации денеска, на иницијатива на западните земји, ќе гласа за резолуција со која Русија ќе биде одговорна за кршење на меѓународното право поради нејзиниот напад врз Украина, поради што ќе треба да плати воена отштета.
Во нацрт-резолуцијата се заклучува дека е неопходно да се воспостави „меѓународен механизам за репарација за штети, загуби или повреди“ предизвикани од „неправедните акции“ на Русија против Украина.
Резолуцијата предлага 193-те земји-членки на Генералното собрание на ОН, во соработка со Украина, да формираат „меѓународен регистар“ кој ќе ги документира тврдењата и информациите за штетите, загубите и повредите што Русија им ги нанела на Украинците и нивната влада.
„Западните земји се обидуваат, со помош на Генералното собрание на ОН, да им дадат некој привид на легитимитет на обидите да се присвојат замрзнатите руски средства“, напиша заменик постојаниот претставник на Русија во ОН Дмитриј Полјански на Телеграм.
Според него, „дури и нестручните луѓе разбираат дека се работи за политизација и дека усвојувањето на таков документ би било безвредно“.
„Генералното собрание нема ниту овластување да се вклучи во репарации. Поточно, руските средства се замрзнати на Запад“, рече Полјански.