Софи, грофицата од Весекс, сопруга на принцот Едвард, треба да преземе повеќе добротворни задолженија од покојната кралица Елизабета Втора. Извор близок до кралското семејство за „Мирор“ пренесува дека тоа било подарок од владетелката за „нејзината омилена снаа“.

– Кралицата и грофицата имаа одлични и блиски односи. Нејзиното височество ѝ се восхитуваше на чувството за должност, како и нејзината цврста работна етика и начинот на кој ги балансираше јавните должности и семејниот живот. Тие, исто така, споделуваат многу заеднички нешта и интереси, вели неименуваниот пријател.

Тој напомена и дека грофицата, веројатно, ќе биде сѐ поприсутна во јавноста.

Што се однесува до добротворните организации на кои Софи треба да стане покровителка, се наведени Женскиот институт за образование и афирмација и „Догс траст“ – за згрижување на кучињата.

Софи беше видно потресена од смртта на Елизабета Втора. А, тие отсекогаш важеле многу блиски, па британските медиуми пишуваат дека грофицата ја нарекувала кралицата – „мама“, и на дворецот била позната и како „омилената снаа на кралицата“ и нејзина „втора ќерка“.

Принцот Едвард и грофицата Софи беа први кои ја посетија кралицата по смртта на нејзиниот сопруг – принцот Филип лани.