Владимир Перев
1.
Во доцните попладневни часови одам во блиската самопослуга да си купам основни домашни потреби. Речи си и да нема купувачи, само малкумина стојат пред едната каса која работи. Одеднаш еден силен и крупен човек на околу 40-тина години излегува од редот, се врти кон мене и на највисок глас почнува да говори: Вие бугарите да си одите во Бугарија… од вашата гнасна бугарска уста не сакам да го чујам зборот македонец… ако некогаш те чујам да проговориш за македонец или за себе како македонец ке те убијам…ќе висиш обесен како сите фашисти и ред други грубости. Човекот е млад и силен а јас сум на осумдесетина години и молчам. Наоколу од присутните купувачи исто така молчат. Потоа тој ми приоѓа, ме удира, ми ги крши очилата а јас некако се спротиставувам. Потоа се враќа во редот.
Мене ми паѓа мрак на очи, решавам дека треба да се спротиставам, му приоѓам и пробувам да го удрам со чадорот, со намера да продолжам со тупаници…па што сака нека биде. Тој го фаќа чадорот и почнува да вика на цел глас: видовте ли, видовте ли, тој ме напаѓа, ме нападна…
Во целосната тишина која владееше, двајца помлади и силни мажи му подвикнаа: престани да се дереш и заминувај, остави го човекот на мир (мислеа на мене), те слушаме овде цели пет минути. Насилникот замолча, си ги зеде купените работи и си замина.
Потоа јас отидов во полициската станица “Беко“ каде го пријавив случајот кај еден љубезен и сочувствителен полициски функционер.
2.
Тој насилен и релативно млад човек, никогаш не сум го сретнал во мојот живот. Тој ме познава, поточно ме препознава од моите новинарски текстови во Трибуна мк., со оглед на тоа дека немам ФБ, немам Инстаграм и воопшто не учествувам и не сум приклучен на ниту една социјална мрежа…не учествувам во никакви отворени ли затворени групни дискусии. Можно е да ме гледал во некои телевизиски предавања, или мое учество во посетите на бугарскиот политички врв или на Претседателот на Р Бугарија, или учество во меѓународни организации за човекови права. Правата на бугарскиот народ во РС Македонија се основната моја дејност, како и човековите правата на луѓето воопшто.
Сето ова целосно му го раскажав на полицискиот функционер, а тој внимателно ме сослуша и запиша. На неговото прашање, што јас мислам за “инцидентот“, му дадов одговор кој и сега го кажувам: Во прво време мислев дека се работи за некаков примитивен македонски патриот, кој не ја разбрал ролјата на патриотизмот во меѓучовечките односи, но во моментот кога му се спритиставив и неговите извици ме нападна, гледате ли дека ме нападна, кај мене створија впечаток дека се работи за нешто друго, одамна смислено а употребено во поволниот момент, кога сум сам и со малку луѓе околу нас. Не сакам да верувам во никакви “теории на завери“, ама фактите се тука.
3.
Додека го пишувам овој текст, сосема смирено и со ладна глава размислувам за нужниот вистински македонски/македонистички патриотизам кој го има многу малку, за национализмот кај нас кој не знае граници и за шовинизмот и огромното количество злоба на обичниот човек во Македонија, насочена кон бугарите, па и албанците. Веројатно тука има и историски реминисценции, релевантни или имагинарни, но тие треба да се одамна надминати, онака како што се надминаа кон српските окупатори или врз нашите недоразбирања со грците. Се прашувам кому му е потребна таа злоба, кој ја храни таа бесмислена омраза…и насекаде ги гледам ликовите на “патриотите“ од нашиот државен врв. Нивната одбрана на “вредностите“ на нашиот, македонскиот народ, се обична декларација, но затоа пак, нивните дејанија се вистинска распродажба на државните и националните интереси на народот. Тоа јасно секогаш сум го кажувал, поддржувајќи ги правата на заедниците кај нас.
4.
Јас сум човек во сериозни години, со определено професионално и политичко минато, човек со врски и контакти. Секако дека се слушнав со бугарската амбасадa каде ми понудија целосна поддршка. На располагање ми стои нивниот механизам за правна помош. Ми се јави министерот за надворешни работи на Република Бугарија, г-н Георг Георгиев кој ми изрази лично човешко жалење за настанот и институционална подготвеност да помогне. Знам дека не сум сам, ама ако ова мене ми се случува, што треба да кажат оние кои се најобични луѓе, ги немаат тие контакти, го минале животот во работа, а се игнорирани и прогонувани заради својата национална припадност. Нив во Македонија ги има многу. За себе си, но и за нив го пишувам овој текст, за оние кои страдаат од насилието на една шовинистичка антибугарска клика, која владее со Македонија, како реликт од едно одамна минато време.
5.
Реториката на политиката и политичарите, го определува битието на дејствувањето на државата, односот и почитувањето кон национално (па и поинаку) различните од државниот мејнстрим. Ова мое писание е не само размисла за човековите права и правата на бугарите во Mакедонија, туку и тест за полицијата и уште повеќе, за нивните безбедносни служби, во понатамошното делување.
Од судирот со насилникот јас излегов со скршено стакло на очилата и нарушено достоинство…очилата ќе ги средам со две-три пензии. Убави беа и на осумдесетина години ми вршеа одлична работа…ама со достоинството работата ќе оди многу потешко…кому сето тоа му е потребно?























