Карлос Тевез е секако еден од најдобрите аргентински фудбалери во изминатите дваесет години, а моментално ужива играјки за Бока јуниорс на крајот од својата кариера.

Тевез се појави во дресот на Бока јуниорс, а дебитираше за првиот тим на овој великан уште во 2002 година, кога имаше само 18 години. Неговата приказна е типична за играч од Јужна Америка затоа што израсна во сиромаштија, но успеа да се избори за своето место под ѕвездите.

37-годишниот напаѓач се врати во Бока јуниорс пред три години откако една година играше во Шангај, Кина, каде беше еден од најплатените играчи во светот.

Според тогашните информации, Тевез заработил нереални 40 милиони евра за една сезона, а потоа решил да се врати во Ла Бомбонера со цел да ја заврши кариерата без никакви грижи за пари.

Тевез ги заработи своите први сериозни пари на почетокот на 2005 година кога ја напушти Бока јуниорс и се пресели во бразилски Коринтијанс за 15 милиони евра. Тоа беше трансфер што ја потресе Јужна Америка, но тоа беше вистинскиот потег во неговата кариера.

Искусниот аргентински напаѓач се присети на моментот кога потпиша за Коринтијанс, што го направи многу побогат, но сакаше целото семејство да има корист од тоа, па направи навистина одличен потег.

Тевез откри дека веднаш по враќањето од потпишувањето на договорот, решил да купи десет куќи за членовите на неговото семејство, со цел да ги спаси од сиромашната и проблематична област во Буенос Аирес.

“Првата голема плата и заработка ја добив кога потпишав за Коринтијанс. Одлучив после тоа да го почестам своето семејство. Купив десет куќи и ги извадив сите чичковци и тетки од сиромашно соседство”, вели Тевез и продолжува.

“Се сеќавам дека решив да направам скара во мојот двор за да го прославам мојот трансфер. Никој од нив немаше идеја што сум направил. За време на вечерата, ги извадив клучевите од куќите и им ги подадов, и не можеа да поверуваат што направив. Тие беа навистина изненадени и среќни. Се чувствував горд што можев да им го овозможам тоа “.

По Коринтијанс, Тевез реши да се обиде во Европа, каде остави навистина длабока трага. Играше прво за Вест Хем, а потоа потпиша за Манчестер Јунајтед. Летото 2009 година, тој повторно ги шокираше сите со трансфер во Манчестер Сити каде заработи и огромни пари.

По четири години, тој замина во Јувентус каде помина две сезони, а потоа едноставно копнееше по своето семејство и реши да се врати дома. Тевез заработи многу пари во својата кариера, но покажа дека тоа не го промени и дека има навистина големо срце.