Од вечерва на полноќ почнува поднесувањето кредитни барања за третата бескаматна кредитна линија со грант компонента, Ковид 3, која ја реализира Развојна банка на Северна Македонија. Третата бескаматна кредитна линија се реализира со финансиска поддршка од Европска Унија преку активноста ЕУзаОтпорност од ИПА програмата во вкупен износ до 30 милиони евра и со буџетска поддршка во износ од еден милион евра.
Кредитната линија е за микро и мали трговски друштва, трговци поединци и занаетчии чие работење е погодено од КОВИД-19, а се мери преку падот на приходите од најмалку 20%, соопшти Развојна банка на Северна Македонија.
Јавниот повик ќе биде отворен за поднесување кредитни барања од 16 декември 2020 година од 00:01 часот до 30 декември 2020 година заклучно со 23:59 часот, вкупно 15 дена.
Аплицирањето е исклучиво електронски на е-маил адресата [email protected]. Секој апликант при достава на кредитното барање во предметот на е-маил пораката треба да го внесе името на компанијата, градот и формата (ДОО, ДООЕЛ, ТП, занаетчија и друго) со латинични букви.
За потврда дека е-маил апликацијата е пристигната во РБСМ, апликантите треба да добијат автоматска порака како одговор од [email protected]. Доколку не добијат автоматска порака, се препорачува да се провери адресата, како и да се провери големината на документите (треба да е под 8 MB).
На веб страницата на банката има техничко упатство кое треба да се следи при аплицирањето.
Обработката на кредитните барања ќе биде хронолошка како што се пристигнати кредитните барања на [email protected] и ќе започне по завршувањето на јавниот повик.
Повеќе информации за почетокот на поднесувањето кредитни барања за третата бескаматна кредитна линија со грант компонента, Ковид 3, утре на прес-конференција ќе соопштат министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Развојната банка на Северна Македонија, Кире Наумов.