Денеска стапи на сила ограничувањето на цената на руската нафта од 60 долари за барел договорено од ЕУ, Г7 и Австралија, како и забраната за увоз на руска нафта во ЕУ, со неколку исклучоци.
Одлуката за ограничување на цената на руската нафта на 60 долари за барел значи дека таа ќе може да се продава на трети земји користејќи танкери на земјите од Г7 и од ЕУ и да се користат нивните осигурителни компании и кредитни институции, само ако нафтата се продава по цена под 60 долари.
Бидејќи клучните светски транспортни и осигурителни компании се лоцирани во земјите на Г7, ограничувањето на цената може да и отежне на Москва да продава нафта за повисока цена, проценува Ројтерс.
Но, Москва рече дека нема да ја почитува одлуката, дури и ако треба да го намали производството.
Александар Новак, потпретседателот на руската влада задолжен за енергетика, рече „работиме на механизми за забрана на употребата на инструментот за ограничување на цените, без оглед на нивото на кое е поставено, бидејќи таквото мешање може дополнително да го дестабилизира пазарот“.