По десетдневно тестирање, министерот за здравство Арбен Таравари денес извести дека официјално е пуштена во употреба новата компресорска станица за хируршките сали во Клиничкиот центар. Хируршките сали беа затворени во мај минатата година, откога се појави силна смрдеа во дистрибутивната мрежа за кислород и компримиран воздух.

„Денес посебна чест ми е да најавам дека компресорската станица веќе функционира. Имаме три нови компресори, комплетно нова инсталација За среќа тука е и стариот компресор кој ќе стои какао бекап за евентуално да не ни се повтори ваков проблем. Решаваме проблеми кои ги наследивме. Со новата компресорска станица се покриени сите 18 хируршки сали на Хирургија, исто така салите во ОРЛ и Офталмологија и максилофацијална хирургија. Комплетниот систем е тестиран 10 дена, се функционира како што треба и од денес веќе и официјално се користи“, рече денес министерот Таравари.

Станицата е подготвена на неа да се приклучат и други клиники доколку за тоа има потреба. Таравари вели дека за тоа е потреба само нова инсталација за поврзување.

Хируршките сали на Клиничкиот центар беа затворени на 22 мај лани поради смрдеата што се рашири од дистрибутивната мрежа за кислород и компримиран воздух. Министерот за здравство во тогашната техничка влада, Илир Демири, извести дека примероци од гасот веднаш биле испратени на анализа во Германија, која треба да покаже зошто има лоша миризба. На анализата се чекаше речиси три месеци, а во меѓувреме беше избрана новата Влада. Сегашниот министер за здравство, Таравари, извести дека анализата покажала дека во системот за кислород и компримиран воздух во Клиничкиот центар имало мала концентрација формалдехид. Пациентите и вработените се жалеа на силна смрдеа, печење во очите, носот и грлото, симптоми идентични на оние предизвикани по изложување на формалдехид.

Хируршките сали летово функционираа со намален капацитет, а работеа со надворешни компресори. Потешките операции се правеа во ГОБ „8 Септември“ и поранешната градска болница „Свет. Наум Охридски“.